Балкан

Изработена документација за железничка линија Крива Паланка - ГП „Деве Баир“

Преку железницата дневно треба да транзитираат околу 2.000 патници и 12 транши товар, покажа физибилити студијата изработена со проектот со кој беше изготвена документацијата, финансиран со 3,4 милиони евра од ЕУ

Ivana Ramadanova  | 21.02.2018 - Обновена : 22.02.2018
Изработена документација за железничка линија Крива Паланка - ГП „Деве Баир“ (Foto: Vdat Abdul/AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Проектната и тендерската документација за изградба на третата железничка делница на пругата кон Бугарија, на потегот од Крива Паланка до граничниот премин „Деве Баир“, во должина од 23,4 километри е завршена, а нејзината изградба ќе чини над 350 милиони евра, информираа од Министерството за транспорт и врски, јавува Anadolu Agency (AA).

Оттаму велат дека завршувањето на оската исток - запад преку доизградба на Коридорот 8 треба да овозможи забрзан економски раст на нашата земја и побрза интеграција во регионот, додавајќи дека од тие причини Владата на Република Македонија е силно посветена на развој на железничката мрежа во земјата, преку изградба на нови пруги кон Албанија, Бугарија и Грција.

„Доказ за тоа е денешниот настан со кој го одбележуваме завршувањето на проектот за изградба на нова пруга од Крива Палнка до граничниот премин „Деве Баир“. Проектот предвидува изградба на пруга во должина од 23,4 километри. На пругата е предвидено да има една станица, една постојка, 23 тунели, од кои еден пограничен тунел кој половина ќе биде на територијата на Македонија, а половина во Бугарија. Изградбата треба да започне во 2021 година, а треба да заврши до 2025 година. Со оглед на тоа дека дека станува збор за најкомплексен дел од пругата, очекуваме вредноста на инвестицијата да достигне преку 350 милиони евра. Министерството за транспорт и врски веќе обезбеди 60 милиони евра неповратни сретства од Европската Унија, преку оперативната Програма 2017-2020. Што се однесува до останатите средства, ќе ги обезбедиме преку меѓународни финансиски институции", истакна министерот Сугарески.

Според него, изградбата на пругата е од огромно значење не само за двете земји, тука и за целиот регион, истакнувајќи дека на овој начин ќе се отворат нови можности за сите транспортни компании, ќе се создадат нови транспортни рути, а ќе има силно влијание и врз економијата.

Преку железницата дневно треба да транзитираат околу 2.000 патници и 12 транши товар, покажува физибилити студијата изработена со проектот со кој беше изготвена документацијата, финансиран со 3,4 милиони евра од ЕУ.

На новата железничка линија што ќе минува низ планински терен, ќе се изградат 23 тунели од кои еден меѓународен на ГП „Деве Баир“ што ќе ги поврзе Македонија и Бугарија.

Ќе има две железнички станици, пред Крива Паланка, и кај село Жидилово. Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка на Делегацијата на Европската Унија, на денешниот настан истакна дека проектот за изградба на пругата Крива Паланка - граница со Република Бугарија беше успешен и траеше дваесет и два месеца, истакнувајќи дека соработката меѓу сите страни била добра и успешна, а она што сега е предизвик е инвестицијата во оваа делница.

„Европската Унија е фокусирана врз развој на коридорите што поминуваат низ Западниот Блакан и тоа го правиме преку ИПА-фондовите, националните и регионалните фондови. Тоа се наоѓа високо на нашата агенда и беше повторено во стратегијата за проширување пред две недели од страна на комесарот Хан и заменик-,претседателот, така што не смееме да го пропуштиме почетокот, затоа што иднината на оваа земја е во Европската Унија“, истакна Бертолини.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.