политика

Хан: Постигнавме многу, сега e важно да го истрчаме последниот километар

Хан на заедничката прес-конференција со премиерот Заев истакна дека оваа посета е само уште еден показател дека ЕУ и понатаму останува фокусирана на земјата и на регионот

Ivana Ramadanova  | 20.11.2017 - Обновена : 21.11.2017
Хан: Постигнавме многу, сега e важно да го истрчаме последниот километар Vedat Abdul

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан престојува во посета на Македонија, при што денеска во Скопје оствари средба со претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).

Тој на заедничката прес-конференција со премиерот Заев истакна дека оваа посета е само уште еден показател дека ЕУ и понатаму останува фокусирана на земјата и на регионот, истакнувајќи дека треба да се истрча последниот километар за да се заврши, како што вели, маратонот за пристапните преговори за ЕУ.

„Јас и мојот тим сме посветени за позитивна препорака, сакаме тоа да се случи на почетокот од наредната година. Сега сме сигурни повеќе отколку што бевме во минатото дека нашите држави-членки позитивно ќе одговорат на препораката“, изјави Хан.

Еврокомесарот рече дека работите се одвиваат во позитивна насока, но оти до крајот на годината треба да бидат донесени реформите што се однесуваат на разузнавачките служби, судството и на јавната администрација, истакнувајќи дека тоа се области во коишто се потребни конкретни резултати до крајот на годината.

Информирајќи за преземените активности во делот на итните реформски приоритети во судството, контролата на разузнавачките служби и за целосна деполитизација и професионализација на администрацијата, премиерот Заев истакна дека домашните реформски иницијативи и активности во надворешната политика никогаш не биле подинамични и оти интензивно се работи на подобрување на односите со сите соседи, вклучувајќи ја и Грција, со која забрзано и заеднички се работи на решавање на проблемот.

„Затоа очекуваме со право РМ да стане дел од Стратегијата за проширување на ЕУ, што според најавите треба да биде соопштена во февруари наредната година. Очекуваме да добиеме чиста препорака за влез во ЕУ и датум за претпристапни преговори на ЕУ со РМ. Ние ќе испорачаме резултати затоа што овие реформи пред сѐ се за наше добро, но во исто време, очекуваме нивно соодветно вреднување од европските институции. Време е во многу блиска иднина да се направи неопходен исчекор и Македонија целосно да биде извлечена од долгогодишната криза, и со европскиот ветер во грбот да ја заокружи својата визија за модерна, економски напредна и респектирана држава“, рече Заев.

Eврокомесарот Хан оствари средба и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а најавени се средби со лидерите на ДУИ, Али Ахмети, Алијансата на Албанците, Зијадин Села и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.







На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.