политика, Балкан

Експертите од регионот дискутираат за начините за борба против трговијата со луѓе

Во Скопје започна дводневна конференција на националните координатори за борба против трговијата со луѓе во Југоисточна Европа

Bekim Laci  | 14.11.2017 - Обновена : 15.11.2017
Експертите од регионот дискутираат за начините за борба против трговијата со луѓе Bekim Laci/AA

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје започна дводневна конференција на националните координатори за борба против трговијата со луѓе во Југоисточна Европа, на којашто експертите од оваа област ќе дебатираат за да ги најдат најдобрите начини за соработка во борбата против овој негативен феномен, јавува Anadolu Agency (AA).

Заменик-министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Агим Нухиу, на отворањето на оваа работилница им посака успешна работа на националните координатори и истакна дека темата што ќе се разгледува, заслужува многу сериозен третман, не само од страна на органите на редот, туку и од страна на целото општество.

Нухиу нагласи дека трговијата со луѓе, со сите негативни појави што ги има, ги надминува сите граници на овој криминоген проблем, а тоа особено го покажува фактот што неговата главна цел е експлоатација, било за работни или за сексуални потреби. 

„Неспорната експертиза присутна овде дава за право да верувам дека сериозно, стручно, аргументирано ќе бидат разгледани сите аспекти на трговијата со луѓе и оти плодната дискусија ќе вроди со нови плодни и квалитетни идеи за тоа како заеднички, институционално, општествено да му се спротивставиме на ова зло“, рече Нухиу.

Координаторката за борба против трговијата со луѓе и државен секретар во Министерството за внатрешни работи, Магдалена Несторовска, вели дека сексуалната експлоатација, врз основа на сите релевантни докази, сѐ уште го држи приматот како најраспространета форма на трговија со луѓе, и додаде дека најголемите жртви се лицата од земјите вклучени во конфликт.

Што се однесува до Македонија, Несторовска истакна дека во периодот од 2013 до 2017 година се регистрирани 33 случаи на жртви на трговија, од кои 22 се деца, пред сѐ од економски ранливи семејства, но во еден посебен случај се регистрирани и две деца бегалци од Сирија.

Францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, чија земја ја поддржува оваа работилница, пренесе дека борбата против трговијата со луѓе тесно се поврзува со аспирациите на регионот за интеграција во Европската Унија (ЕУ), бидејќи, како што рече тој, имиџот на Балканот во Западен Балкан многу страдал поради војните и последиците од нив.

„Како амбасадор тука, како генерален конзул во Сорбона, работата во амбасадата во Белград и како член на ОБСЕ во Косово, бев сведок на тешки, бескрупулозни човечки судбини, на трговија со органи, и на други нешта што му наштетуваат на угледот на целиот регион. Затоа, важно е владите да ја докажат својата посветеност на борбата против трговијата со луѓе“, рече Тимоние.

Денешната средба на националните координатори за борба против трговијата со луѓе во Југозападна Европа, доаѓа по состанокот на експертите кој се одржа во Будва, Црна Гора, во периодот од 26 до 28 април, на кој се дискутираше за можноста за подобрување на судската соработка и откривање на мрежите за трговија на мигрантите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın