свет

53 години по смртта: Малколм Икс продолжува да биде инспирација за луѓето

Малколм Икс кој е запаметен како лидер на муслиманите во Соединетите Американски Држави (САД) во 20-от век, беше борец против расизмот и еден од највлијателните Афроамериканци

Betül Yürük  | 21.02.2018 - Обновена : 22.02.2018
53 години по смртта: Малколм Икс продолжува да биде инспирација за луѓето MALCOLMX

Njujork

ЊУЈОРК (AA) - БЕТУЛ ЈУРУК - Малколм Икс, кој е запаметен како лидер на муслиманите во Соединетите Американски Држави (САД) во 20-от век, беше борец против расизмот и еден од највлијателните Афроамериканци. Тој беше убиен пред 53 години, а жителите на областа Харлем во Њујорк и денес ги чуваат сеќавањата на него, пишува Anadolu Agency (AA).

Поради активната борба против расизмот, која во тоа време владееше во САД, Малком Икс стекна многу почит од целиот свет, и стана неисцрпен извор на инспирација, особено кај Афроамериканците во неговата земја.

Секој агол на Харлем во Њујорк, каде што живее поголем дел афроамериканско население, и денес е познат по симболите на Малколм Икс и тука може да се купи литература, постери, маици, капи и украсни содржини со неговиот лик.

Аиша Мекбриџ, која живее во Харлем, во разговор за АА истакна дека за Малколм Икс прв пат слушнала на телевизија.

„Кога имав 18 години ние се преселивме во Харлем, и тука речиси на секој чекор имав шанса да ги забележам симболите на Малколм Икс. Потоа почнав повеќе да читам и да учам за неговото наследство, но, исто така, и да го практикувам она што тој го зборуваше“, рече Мекбриџ.

Таа посочи дека името Малколм Икс за неа значи „борба и одбрана“, додавајќи дека тој со неговото излегување од мракот и борбата беше инспирација и стана пример за многу други луѓе.

„Да беше уште жив, мислам дека би бил разочаран од денешната ситуација. Камо среќа да живеел подолго, мислам дека би се борел многу повеќе и би ги сменил работите во светот“, рече Мекбриџ.

Абдул Осман е уличен продавач во Харлем, кој вели дека Малколм Икс бил човек што го учел својот народ како да порасне, како да биде задоволен, како да го надмине незнаењето, да го пронајде точното и да го поправи погрешното.

„Малколм Икс определен период од својот живот продаваше дрога, а имаше и проблем со алкохолот. Беше во затвор, а потоа доживеа трансформација. Јас имав сличен случај во мојот живот. Бев и затворен. Имајќи го него за пример, го променив мојот живот. Денес јас сум тој што ги одвраќа луѓето од крадење, им укажува чесно да заработуваат за живот и да прават добри работи за себе“, вели Осман.
Тој вели дека луѓето, без разлика дали се христијани, муслимани или евреи, мора да се почитуваат и да бидат посилни поради нивните разлики. Според него, на светот денес му се потребни единство, мир и промени.

Продавачот на книги во Харлем, Нова Фулер, рече дека духот на Малколм Икс, кој некогаш одеше по улиците на Харлем, денес живее во оваа област на Њујорк. Тој, исто така, рече дека за Малколм, кој зборуваше за човекови права, слобода и еднаквост, на почетокот мислел дека е „луд“, но подоцна сфатил дека всушност бил човек што цел живот се бори за човековите права и промени.

Малколм Икс е роден во државата Небраска на 19 мај 1925 година. Во раното детство, татко му бил убиен од бели расисти, бидејќи бил член на здружението за подобрување на животот на Афроамериканците.

Неговата смрт била прикажана како несреќен случај, иако неговата глава била одвоена од телото. Бидејќи мајка му не можела да се грижи за него по смртта на неговиот татко, за него се грижеле постариот брат и сестра. Малколм Икс го започнал животот како ситен криминалец. На возраст од 12 години бил однесен во домот за деца во Мичиген.

Кога наполнил 17 години, бил ослободен од домот. Потоа се вработил во патнички воз, како мијач на садови. Кога Малколм заработил доволно пари, се преселил во Њујорк кај роднините. Наскоро тој станал еден од најопасните насилници на улиците во Харлем. Во 1941 година бил уапсен и осуден на десет години затвор поради кражба. Крадел за да има пари за дрога. Во 1952 година бил ослободен од затвор, а подоцна се приклучил на движењето „Нација на исламот“.

Кратко време откако станал член на „Нацијата на исламот“, го променил неговото име во Икс. Ова го направил како знак на почит за неговите непознати африкански предци, што биле донесени во Америка како робовска работна сила. Потоа отпатувал на аџилак во Мека. По враќањето во САД, ја отфрлил идејата дека сите бели луѓе се ѓаволи, и формирал своја организација наречена „Организација на афроамериканското единство“. По формирањето на оваа организација, Малком Икс го промени своето име во Ел-Хаџ Малик Ел-Шаббаз.

Малком бил убиен во 1965 година, додека држел говор во Њујорк на којшто го критикувал Елијах Мухамад. Малком бил убиен од тројца мажи за кои се докажа дека биле членови на движењето Нација на исламот. Сите тројца беа осудени и затворени.

Малком Икс остана запаметен како лидер на муслиманите во САД од тоа време, борец за човекови права и еден од највлијателните Афроамериканци. Беше најголем критичар на белата Америка и нејзините злосторства извршени врз црните Американци.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın