ТИКА за 10 години во Македонија спроведе 502 проекти

Координаторот на ТИКА во Скопје, Теоман Тирјаки, во разговор за АА зборуваше за проектите што ги спроведува ТИКА како институција

СКОПЈЕ (АА) - Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) која во Македонија e активнa од 2006 година, досега има спроведено 502 проектa на полето на образованието, здравството, инфраструктура и културното наследство.

Координаторот на ТИКА во Скопје, Теоман Тирјаки, во разговор за АА зборуваше за проектите што ги спроведува ТИКА како институција.

Тирјаки, истакна дека оваа институција по 2011 година во Македонија го зголемила бројот на своите активности и проекти, на полето на здравствениот сектор, спроведувајќи во реалност 8 проекти за адаптација на болници и амбуланти, опремувајќи ги со медицинска опрема и основање на лаборатории за анализа.

Привршува работата на ентериерот на Клиниката за детски болести во Скопје, во која се обновени 430 квадратни метри на Одделот за интензивна нега, со годишен капацитет за лекарска нега на 400 бебиња и деца.

„При крај е работата околу обновувањето на Одделението за интензивна нега при Клиниката за детски болести и очекуваме тоа да биде пуштено во употреба следниот месец“, рече Тирјаки.

На полето на социјалната инфраструктура и услуги, ТИКА ја дава својата поддршка во развојот на административната и цивилна инфраструктура, го поддржува организирањето на конгреси и симпозиуми, ги поддржува активностите за културна соработка и соработка со невладините организации, при што досега реализираше 248 проекти.

Покрај поддршката за зајакнување на капацитетите на Уставниот суд на Република Македонија, Врховниот суд, Високиот совет на судии, Државното правобранителство, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Управата за јавни приходи, Националната новинска агенција, ТИКА поддржува и голем број други јавни институции.

Го дава својот придонес во унапредувањето на персоналот кој работи во државните институции, поддржувајќи проекти кои организираат семинари за обука, а ја дава својата поддршка и за техничко опремување.

ТИКА учествуваше и во опремувањето на зградите за јавни услуги на општините Центар Жупа и Пласница, кои се наоѓаат во западниот дел на земјата. Во 2014 година инвестираше во санирањето на подот на зградата, на канцеларискиот мебел во просториите на органите и вработените во општината, набави опрема за просториите за конференција и семинари и ја обнови надворешната фасада.

Во 2016 година ја изгради зградата на општината Пласница, со што општината доби нов објект за јавни служби со вкупна површина од 675 квадратни метри.

- Поддршка за образовнието -

Координаторот Тирјаки соопшти дека во рамките на поддршката на образованието, изградени се 33 нови или се обновени постоечките згради на училиштата и нивно опремување, со што во употреба се пуштени училишта со вкупен капацитет од околу 12.000 ученици.

„Во Македонија на полето на образованието, без да се прави никаква етничка, верска и јазична поделба, спроведуваме проекти што ги опфаќаат Македонците, Турците, Албанците, Бошњаците, Ромите. Во Дебар, на површина од 5.000 квадратни метри изградивме ново училиште. Во рамките на реновирањата, во Гостивар е завршен проектот за изградба на нов дополнителен објект за потребите на основното училиште „Мустафа Кемал“ и негово целосно опремување. На полето на образованието, во голем број селски училишта изградени се нови објекти или е извршено нивно реновирање“, изјави координаторот Тирјаки.

Во рамките на соработката со Тетовскиот универзитет, компјутерската опрема и инсталацијата се донација на ТИКА.

Во рамките на активностите на полето на образованието, ТИКА веќе десет години продолжува да ја дава својата поддршка за сите оние што сакаат да го научат турскиот јазик, организирајќи курсеви. Оваа година во 11 подрачја, во 24 центри се организираат курсеви по турски јазик, кои ги следат 1.400 посетители.

Во учебната 2015-2016 година, обезбеди вкупно 2.000 стипендии за ученици и студенти од основните училишта, гимназии и универзитети.

- На полето за земјоделството организирани проекти кои донесуваат приходи -

Координаторот на ТИКА во Скопје, Тирјаки истакна дека покрај тоа што спроведуваат проекти на полето на здравството и образованието, ТИКА свој удел има и во проектите што носат приходи: „Еден од најголемите проблеми во Источна Македонија е миграцијата. Ги вложуваме сите напори, со изработка на проекти кои ќе им донесат прилив на средства на луѓето што живеат во руралните предели на Источна Македонија, да го запреме нивното иселување. Во тие рамки, изработивме проект за стакленици, кој опфаќа околу 600 семејства. Покрај тоа, во подрачјето го спроведуваме и проектот за пчеларство“.

- Реставрација на историски објекти од османлискиот период -

ТИКА, им придава големо значење и на историските објекти кои се наследство од османлискиот период и врши реставрација на голем дел од џамиите во земјата, првенствено на џамиите во Скопје.

Координаторот Тирјаки потсети дека минатиот месец започнале работите околу реставрацијата на џамиите „Султан Мурат“, „Исхак Беј“ (Алаџа) и „Хусеин Шах“, трите во Скопје.

„Се надеваме дека реставрацијата на овие 3 џамии ќе заврши за две години, по што тие повторно ќе бидат пуштени во употреба. Покрај тоа, потребно е да се изврши проектирање на работите. По завршувањето на реставрацијата на овие џамии, во тек е изработка на проекти за реставрацијата на џамиите „Фатих Султан Мехмет“ во Дебар, „Мустафа Паша“ во Скопје и „Хусаметин Паша“ во Штип, и по нивното завршување, ќе започнеме со работите околу нивната реставрација.

Тирјаки исто така додаде дека во изминатиот период завршиле со реставрација на џамијата „Исхакије“ во Битола, „Мустафа Кебир Челеби“ во Струга и „Махмут Ага“ во Штип.

- Помош за погодените од поплавата во Македонија -

ТИКА им помогна на граѓаните на Македонија кои беа погодени од поплавата што се случи во август оваа година, а во која животот го загубија 22 лица.

Координаторот на ТИКА за Македонија, Теоман Тирјаки истакна дека Турција му дава големо значење на давањето хуманитарната помош. Таа е многу чуствителна по тоа прашање и тоа можеше да се забележи уште првиот ден од несреќата, кога ТИКА направи испитување на теренот со цел да се одредат итните потреби на настраданите од полавата: „Од првиот ден од полавата, како Република Турција и како ТИКА бевме првата официјална институција која интервенираше во загрозеното подрачје. Во рамките на хуманитарните потреби, на 600 до 700 семејства им беше дадена помош во облека, хигиенски средства, храна, обидувајќи се да ги решиме проблемите што ги имаа во тој момент“.