Балкан

Македoнија - Турција, голем потенцијал за туристичка соработка во двете насоки

„Во 2016 година во Турција престојувале 146 илјади македонски државјани, а од Турција во Македонија 106 илјади туристи", рече Керим

Admir Fazlagic  | 21.02.2018 - Обновена : 22.02.2018
Македoнија - Турција, голем потенцијал за туристичка соработка во двете насоки (Foto: Admir Fazlagic/AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје се одржа прес-конференција на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија и Асоцијацијата на туристички агенции и тур-оператори од Истанбул (ТУРСАБ), Турција на која се говореше за зголемување на туристичката соработка помеѓу Република Македонија и Република Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора (ТУК) при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) изјави дека проширувањето на туристичкиот пазар, зголемувањето на туристичката соработка помеѓу Турција и Македонија, зацврстувањето на веќе постоечките и создавање нови партнерства е целта на денешниот промотивен настан.

Компаниите што работат во сферата на туризмот и угостителството од Македонија и Турција денеска имаа можност за вмрежување, можност за средби за меѓусебно запознавање и учество во работилница за зголемување на соработката во секторот туризам.

„Во пресрет на претстојната сезона 2018/2019, ТУРСАБ во соработка со „Туркиш Ерлајнс“ и компаниите членки на ТУК ќе овозможи специјални пакети со досега најповолни услови за македонските туристи во насока на зголемување на туристичката понуда и атрактивност. Продолжување и зголемување на успешната туристичката размена меѓу Македонија и Турција, како и подигнување на повисоко ниво од досегашното е наша заедничка цел", рече Аркан Керим.

Тој информираше дека туристите од Македонија што ја посетуваат Турција, најчесто ги посетуваат приморските дестинации, особено оние што нудат одличен одмор и забава, како што е Анталија, Кемер, Белег, Сиде, Аланија, потоа Мармарис, Бодрум, Фетије, Кушадаси и Чешме. Сепак, Аркан истакна дека најважна дестинација за македонските граѓани е Истанбул, кој е мост помеѓу Европа и Азија.

Големиот интерес за посета на туристичките дестинации во Турција, според претседателот на Туристичко-угостителската комора на Македонија, е поради високиот степен на задоволство на гостите што престојуваат во Туција, која нуди високо квалитетни услуги на туристите.

Како што информираше Керим, според официјалните статистички податоци, граѓаните од Република Турција се најбројни туристи во Република Македонија.

„Во 2016 година претстојувале 146 илјади македонски државјани во Турција, а од Турција во Македонија 106 илјади туристи. Во првите 9 месеци од 2017 година, од Македонија во Турција престојувале 132 илјади туристи, а од Турција во Македонија 112 илјади туристи", рече Керим.

- Туристичка промоција на Македонија и Турција -

Ела Атакан, претставник од Асоцијацијата на турски туристички агенции (ТУРСАБ), рече дека идејата на денешниот настан е да се промовираат туристичките дестинации низ Турција, но и туристичките дестинации од Македонија.

„Секако, туризмот е двонасочна улица, според тоа ТУРСАБ не само што ја промовира својата земја Турција и нејзините дестинации во странство, како што сме овде сега во Македонија, туку ТУРСАБ се занимава со промоција и на други дестинации, како на пример, Македонија", рече Атакан.

Таа се осврна на многубројните туристички дестинации во Турција и рече дека оваа земја им нуди богат избор на туристите.

„Турција е голема разноврсна земја, во којашто секој може да го пронајде она што најмногу сака да го прави, туризам за одмор, којшто е многу популарен, потоа за конгреси, состаноци, шопинг, верски туризам, здравствен, термален туризам, голф-туризам и друго", додаде Атакан.

Пинар Ајваз Арикан, генералниот директор на националниот авиопревозник за Турција, „Туркиш Ерлајнс“ („Turkish Airlines“) во Скопје, кој има преставништво во Македонија од 1998 година, ја искажа отвореноста за соработка, интензивниот раст на бројот на патници, и реализацијата на поставените цели на авиокомпанијата.

Таа рече дека авиокомпанијата „Туркиш Ерлајнс“, служи како мост помеѓу двете земји и двата народа. Информираше дека оваа компанија оперира со два дневни лета за Истанбул. Арикан потенцираше дека „Туркиш Ерлјанс“ е авиокомпанија со летови низ целиот свет, во 120 земји, а минатата година превезе 70 милиони патници.

„Oваа година ја прославуваме нашата 20-годишнина од работењето во Скопје, во 1998 година започнавме со два неделни лета, а сега сме со два лета дневно, и со вашата поддршка и поддршката на туристичките агенции сигурна сум дека ќе оствариме многу поголем број летови и ќе имаме повеќе патници во периодот што следува", истакна Арикан.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın