Балкан

Прелиминарни резултати од локалните избори во Косово

Според прелиминарните резултати на Централната изборна комисија по вториот круг од локалните избори во Косово, во двата најголеми града, Приштина и Призрен, тесна победа забележаа кандидатите на Движењето „Самоопределување“

Zülfiya Yakup  | 20.11.2017 - Обновена : 20.11.2017
Прелиминарни резултати од локалните избори во Косово

Pristina

ПРИШТИНА (АА) - Според прелиминарните резултати на Централната изборна комисија по вториот круг од локалните избори во Косово, во двата најголеми града, Приштина и Призрен, тесна победа забележаа кандидатите на Движењето „Самоопределување“, партија која на централно ниво е во опозиција, јавува Anadolu Agency (AA).

Доколку нема промени по пребројување на гласовите од странство, во главниот град Приштина победник е досегашниот претседател Шпенд Ахмети од „Самоопределување" со 50,19 отсто од гласовите, додека неговиот противкандидат Арбан Арбаши од Демократскиот сојуз на Косово (LDK) освои 49,81 отсто.

Во Призрен, вториот по големина град во Косово, победи Митахер Хаскука од „Самоопределување“ со освоени 50,32 отсто од гласовите, додека Шаќир Тотај кандидат на Демократската партија на Косово (PDK) освои 49,68 отсто од гласовите.

Движењето „Самоопределување“ доби и градоначалник во општина Каменица. Така, Движењето „Самоопределување" освои три општини, додека до сега имаше само градоначалник во Приштина.

Демократскиот сојуз на Косово на Иса Мустафа победи во Гњилане, Подуево, Вучитрн и Исток и заедно со општините Пеќ, Косово Поле, Липљан и Витина, каде што победи во првиот круг, има осум општини.

И во општината Драгаш е тесен резултатот. Кандидатот на Демократската партија на Косово го победи кандидатот на Демократскиот сојуз на Косово со 50,15 отсто од гласовите. Демократската партија на Косово на Кадри Весели ги освои уште општините Штимље, Урошевац и Качаник, а во првиот круг победи во Глоговац. Тоа се вкупно пет општини.

Кандидатот на Алијансата за иднината на Косово, Ардијан Ѓини, со 54,09 отсто од гласовите ја победи во Ѓаковица досегашната претседателка Мимоза Кусари Лила од Алтернатива. Во општина Ораховац е забележана тесна победа на кандидатот на Алијансата за иднината на Косово пред кандидатот на Демократската партија на Косово. Алијансата за иднината на Косово (АИК) на Рамуш Харадинај, исто така, победи во Сува Река, Обилиќ и Клина. Со Јуник и Дечане, каде што победи во првиот круг, АИК има вкупно седум општини, што е најдобар резултат на оваа партија досега.

Во Малишево победи кандидатот на Иницијатива за Косово, Фатмир Лимај.

Во Клокот со само 10 гласа повеќе победи Страхиња Спасиќ од „Српската листа, иако неговиот противкандидат Божидар Дејановиќ од Граѓанската иницијатива Клокот-Врбовац, меѓу првиот и вториот круг на гласање, заедно со сите членови на ГИ Клокот-Врбовац се приклучи кон „Српската листа“ и го поддржа Марко Ѓуриќ, шеф на Канцеларијата за Косово при Владата на Србија.

Во Партеш на повторените избори победи кандидатот на „Српската листа“, Драган Петковиќ. Кандидатите на „Српската листа“ победија во сите 10 општини со српско мнозинство.

Во Скендерај и Елез Хан победија независни кандидати. Во единствената општина со турско мнозинско население, Мамуша, во првиот круг победи Турската демократска партија на Косово.

Централната изборна комисија соопшти дека на изборите во Косово во вториот круг од локалните избори излезноста изнесувала 38.10 отсто и дека гласањето поминало мирно и без нерегуларности, кои би го загрозиле интегритетот на изборите.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın