политика, Балкан

Премиерот Заев во дводневна посета на Словенија

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, ја започна својата дводневна официјална посета на Република Словенија со состанокот со својот словенечки колега Миро Церар

Senita Şeherçehayiç  | 13.11.2017 - Обновена : 14.11.2017
Премиерот Заев во дводневна посета на Словенија Ales Beno/АА

Ljubljana

ЉУБЉАНА (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, ја започна својата дводневна официјална посета на Република Словенија со состанокот со својот словенечки колега Миро Церар, јавува Anadolu Agency (AA).

Официјалната посета се одвива во светло на 25. годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, кои традиционално се добри и пријателски.

Како што соопшти кабинетот на словенечкиот премиер Церар во пресрет на посетата, „Словенија силно ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон евро-атлантските интеграции, што е одразено преку активната политичка поддршка и помошта од словенечките експерти“. Во соопштението се наведува и дека во интерес на регионот и на Европската Унија е Македонија да остане стабилна, безбедна и економски перспективна земја.

Во рамките на развојната соработка, Македонија од 2005 до 2016 година доби помош од 14 милиони евра од Словенија за развој главно на проекти од областа на заштитата на животната средина и енергетската ефикасност.

„Словенија во иднина, исто така, ќе настојува да спроведе квалитетни развојни проекти во Македонија, особено билатерални проекти за техничка помош, што ќе придонесе за побрза интеграција на Македонија во ЕУ. Според Словенија, образованието и сродните перспективи на младите Македонци се суштински дел на развојот. Во Словенија, минатата академска година студираа 720 студенти од Македонија под истите услови како и словенечките студенти“, се наведува во соопшетнието по повод посетата на македонскиот премиер на Љубљана.

Добрите политички односи ги следат и односите во економијата, така што Словенија е најголемиот вложувач во Македонија со тренд на пораст на инвестициите.

Можностите за продлабочување на економската соработка се одразуваат пред сѐ во областа на соработката и инвестирањето за изградба на јавна и друга инфраструктура, потоа вложување во енергетиката и во еколошки проекти од областа на туризмот, прехранбената индустрија и земјоделството, челикот и металната индустрија.

Се очекува за време на средбата двајцата премиери да разговараат за илегалните миграции во регионот, а словенечкиот премиер, како што е најавено од неговиот кабинет, ќе му честита на својот македонски колега за напорите на Македонија за запирање на текот на илегалните миграции, бидејќи, како што се наведува, Македонија многу одговорно реагирала на иницијативата на Словенија за затворање на балканската рута за помалку од две години.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın