Dzihat Aliju
01 Септември 2026•Ажурирано: 01 Септември 2026
На маргините на Бледскиот стратегиски форум 2026, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, оствари средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Алан Берсе, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Министерството, на средбата министерот Муцунски ја потврди посветеноста кон принципите и обврските што произлегуваат од членството во Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и другите релевантни правни инструменти.
Во тој контекст Муцунски ја нагласи важноста од почитувањето и спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
„Соговорниците разговараа и за реформската агенда и усогласувањето со европските стандарди, како и за актуелните геополитички предизвици, со посебен акцент на војната во Украина, поддршката и солидарноста со Украина и значајната улога на Советот на Европа во тој контекст“, се наведува во соопштението.
На средбата, според соопштението, беше изразено и очекување конструктивната соработка дополнително да се продлабочи во пресрет на шестмесечното претседавање со Комитетот на министри на Советот на Европа.