Agim Sulaj
09 Септември 2026•Ажурирано: 09 Септември 2026
Пратениците од 11. законодавен состав на Собранието на Косово не успеаја да го конституираат Собранието поради неизгласувањето на петтемина потпретседатели откако Албулена Хаџиу беше избрана за претседателка на оваа институција, јавува Анадолу.
По враќањето од едночасовната пауза, претседателката Хаџиу се судри со пратеникот на Српска листа, Игор Симиќ, барајќи од него да ја повлече претходната изјава дадена при предлагањето кандидат за потпретседател.
Хаџиу ја прочита изјавата на Симиќ, во која тој рече дека предлогот за потпретседател го дава во име на „српскиот народ“.
Хаџиу рече дека оваа изјава е спротивна на Уставот и од него побара да ја повлече, но Симиќ одби, велејќи дека „ја разбира играта“.
Хаџиу двапати му го прекина зборот на пратеникот Симиќ, по што рече дека нема согласност за начинот на гласање за потпретседателите на Собранието и дека како резултат на тоа „потребен е договор“.
Потоа Хаџиу рече дека ниту на средбата со членовите на другите партии „немало согласност за начинот на гласање за потпретседателите на Собранието“.
„Значи, од таа средба, како што разбрав, беше јасно дека ниту предлогот на политичкиот субјект ПДК (Демократска партија на Косово), а тоа беше Влора Читаку, ниту, од друга страна, предлогот на ЛДК (Демократски сојуз на Косово), а тоа беше Кујтим Шала, како што и госпоѓа Нагавци изнесе иста загриженост во врска со изјавите на Симиќ, кои се неуставни, јасно е дека нема гласови нивните предлози да бидат избрани за потпретседатели на Собранието. Затоа сметам дека е потребен договор за ова прашање и како резултат на тоа седницата ќе продолжи со работа во петок во 11 часот“, рече Хаџиу.
На денешна седницата Хаџиу беше избрана за нова претседателка на 11. законодавен состав на Собранието на Косово.
Сепак, Собранието не се смета за конституирано сѐ додека не бидат избрани и петтемина потпретседатели на Собранието, вклучително и потпретседателите од српското малцинство и еден од другите етнички малцинства.