Fatjon Cuka
09 Октомври 2026•Ажурирано: 09 Октомври 2026
Собранието на Албанија го усвои Предлог-законот „за административно-територијалната поделба на единиците на локалната самоуправа во Република Албанија“, јавува Анадолу.
По расправата на маратонската седница, која беше проследена со дебати и тензии, новата територијална реформа беше усвоена со 85 гласа „за“, 34 „против“ и ниеден воздржан, од вкупно 140 пратеници во Собранието на Албанија.
Новата реформа го намалува бројот на општини во земјата од сегашните 61 на 46. Според новата поделба, 46 општини ќе опфаќаат 71 град и 387 административни единици.
Седницата беше проследена и со тензии, при што во моментот на гласањето пратениците на најголемата опозициска партија, Демократска партија, го блокираа собранискиот говорник и фрлаа јајца и други предмети кон премиерот Еди Рама и министрите.
Владејачката Социјалистичка партија, предводена од Рама, образложи дека реформата има цел зајакнување на финансиската автономија на локалната самоуправа и зголемување на административните капацитети.
Опозицијата се спротивстави на реформата, барајќи во Собранието таа да биде ставена на референдум, со образложение дека на граѓаните треба да им се овозможи да избираат меѓу различни предлози.
Предлог-законот предизвика протести во изминатите недели во неколку градови, како и реакции против спојувањето на некои општини.
Според властите, законот ќе му биде доставен на претседателот Бајрам Бегај за потпишување и ќе стапи на сила 15 дена по објавувањето во „Службен весник“. Се очекува следните локални избори во 2027 година да се одржат според новата административна поделба.