Zlatan Kapic
09 Октомври 2026•Ажурирано: 09 Октомври 2026
Црногорската полиција, во соработка со Агенцијата за национална безбедност (АНБ), утрово започна операција за апсење лица осомничени за поврзаност со руската информативна мрежа „Рибар“; во Рисан се уапсени пет лица, објавија црногорските медиуми, пренесува Анадолу.
Меѓу уапсените се Михаил и Валерија Звинчук – за кои се наведува дека се клучни фигури во мрежата – како и тројца нивни соработници, според Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ), која се повикува на извори запознаени со операцијата.
Весникот „Побједа“ од Подгорица, повикувајќи се на извори од безбедносниот сектор, наведува дека Михаил Звинчук е полковник во руската воена разузнавачка служба (ГРУ) задолжен за хибридни операции. Засега овие тврдења не може независно да се потврдат.
„Рибар“ е руска медиумска и информативна мрежа основана во 2018 година, која се здоби со меѓународна препознатливост за време на руската инвазија врз Украина. Првично фокусирана на воени анализи и известување за конфликтот, таа подоцна прерасна во мрежа од комуникациски канали.
Според црногорските медиуми, западните институции ја поврзуваат оваа мрежа со ширењето проруски наратив, пропагандни активности и операции за информациско влијание.
Црногорските власти сè уште не објавија дополнителни детали за апсењата ниту, пак, ги прецизираа конкретните кривични обвиненија поднесени против осомничените.