Admir Fazlagic
10 Март 2021•Ажурирај: 11 Март 2021
СКОПЈЕ
Регионалната конкуретност е клучот кој ја отвора вратата за просперитет на Западен Балкан, потенцираа на денешната средба вицепремиерот за економски прашања на Република Северна Македонија, Фатмир Битиќи и потпретседателот на Владата на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, кој претсојува во официјална посета на земјава, јавува Агенција Анадолија (АА).
По одржаната средба во Владата на Северна Македонија, Битиќи и Абазовиќ одржаа заедничка прес-конференција. Вицепремеирот Битиќи рече дека со неговиот колега Абазовиќ имале продуктивна средба, истакнувајќи дека негова лична определба е „на средбите со лидерите акцентот на разговорите да биде на решенијата, наместо на проблемите“.
Како што рече Битиќи, на денешната средба со црногорскиот потпретседател на Владата, Абазовиќ, зборувале за соработката и за тоа како да ја зајакнат соработката помеѓу двете земји, што е заеднички интерес и да ги искористат потенцијалите за таа соработка кои се очигледни.
Битиќи појасни дека не можат да гледаат на развојот на двете земји без да разговараат за развојот и конкурентноста на целиот регион на Западен Балкан, притоа потенцирајќи го Берлинскиот процес како важен процес за граѓаните и економиите за земјите од Западен Балкан во последните години.
„Целта на заедничкиот регионален пазар е да се зајакне економската соработка помеѓу земјите во регионот, да се зголеми конкурентноста, но и привлечноста на регионот на пазарот на ЕУ. Регионална конкурентност наместо регионална конкуренција, ова е нашата иднина. Ова ќе ја зголеми отпорноста на регионот од ризиците од кој било тип и ќе ја зајакне нашата способност да се справуваме со предизвиците и непредвидливите појави како што е случајот со моменталната пандемија. Ќе донесе просперитет за нашите граѓани, напредок и иднина за регионот на Западен Балкан, и ќе ги подготви нашите економии за влез во ЕУ“, истакна Битиќи, и додаде:
„За Црна Гора и Северна Македонија ова ќе биде значајно за зголемување на стандардот на граѓаните, зголемување на пазарот на компаниите, а со тоа и на можностите за развој и за нови инвестиции. Регионалната конкурентност е клучот кој ја отвора вратата за просперитет на Западен Балкан.“
Црногорскиот потпретседател на Владата, Дритан Абазовиќ, рече дека новата Влада на Црна Гора оствари најдобра регионална соработка токму со Северна Македонија, како и дека тоа не е случајно.
„Овие две држави се повеќе од пријателски, тие навистина покажуваат дека се на нивото на братски односи, многу конкретни, и дека само за 100 дена успеавме да имаме возвратни посети. Вашиот министер за надворешни работи беше прво официјално лице кое ја посети новата Влада на Црна Гора, а пред мене тука престојуваше нашиот министер за внатрешни работи кој оствари одлична соработка со вашето Министерство за внатрешни работи. Ние се заблагодаруваме на вашата подадена рака за Црна Гора, но сакаме да кажеме дека сите граѓани на Северна Македонија секогаш и во секој момент можат да сметаат на раката која Црна Гора ја подава на вашата земја и на секој ваш успех се радуваме како на наш успех“, изјави Абазовиќ.
Според него, регионалната соработка е од пресудно значење, а особено за Црна Гора.
„Сакаме со Северна Македонија да градиме најдобри можни односи и да бидеме пример и за другите држави во регионот кои можеби се оптоварени со некои поголеми и позначителни политички ситуации, да го следат нашиот пример. Да го следат примерот на добра меѓусоседска соработка. Заедно да настапуваме и кон ЕУ и заедно да исцртаме патека за сите наши граѓани за една европска иднина. Регионот е изморен од караници, од национализам, проблеми, и дискурсот треба да го свртиме кон економијата, кон прогресот, кон подобар животен стандард. Вие сте пример за тоа, на денешната средба имавме многу продуктивна и конструктивна комуникација“, истакна Абазовиќ.
Додаде дека Црна Гора е најзависна од туризмот, појаснувајќи дека минатата туристичка сезона ја загубиле поради коронавирусот (Ковид-19).
Абазовиќ се осврна и на проблемите со кои се соочува Црна Гора, но и целиот Балкан како регион.
„Проблемот во Црна Гора, а верувам и во другите земји од Западен Балкан, останува дистрибуцијата на правдата. Мислам дека треба да се избориме со корупцијата и организираниот криминал кои многу ги оштетуваат државните буџети на сите земји. Ако сакаме да имаме успех и на граѓаните да им оставиме добра и квалитетна земја од која нема да сакаат да заминат и да се иселат, туку својата иднина да ја гледаат тука, мораме сите заедно да работиме на подобра дистрибуција на правдата. Таа директно е поврзана со економскиот систем“, порача Абазовиќ.
Тој изрази задоволство што вицепремиерот Битиќи на средбата спомнал, како што рече тој, една многу важна работа за туризмот, а тоа е создавање зелен туристички коридор. „Доколку земјите од регионот постигнат договор да се создаде зелен туристички регион [коридор], во кој ќе има непречено движење на луѓето во текот на туристичката сезона, сметам дека тоа е голем исчекор не само за Црна Гора туку и за другите земји“, додаде Абазовиќ.
Во рамките на посетата на Северна Македонија, потпретседателот на Владата на Црна Гора, Абазовиќ, ќе се состане со претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери, како и со првиот вицепремиер Артан Груби.