Edıta Zekjırovıc
28 Септември 2021•Ажурирај: 29 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) – Со свечена академија, во присуство на гости од земјите во регионот, во Скопје се одбележа Меѓународниот ден на Бошњаците - 28 Септември, јавува Агенција Анадолија (АА).
На настанот, кој беше организиран од страна на Бошњачкиот национален совет (БНС), присуствуваше членот на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Шефик Џаферовиќ, претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС), Мунир Колашинац, претседателот на Бошњачкиoт национален совет, Џевад Хот, претседателката на Бошњачкиот национален совет на Србија, Јасмина Цуриќ и претседателот на Бошњачкиот национален собир на Црна Гора, Ејуп Нурковиќ.
Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Шефик Џаферовиќ, истакна дека дострелите на Бошњачките собири и денес, 28 години подоцна делуваат импресивно.

„Битката помеѓу оние кои настојуваат да го сочуваат и да го унапредат моралистичкиот карактер и толерантниот дух на своите држави и општества во регионот на Западниот Балкан, и оние кои предизвикуваат културни и етнички раздори и судири, не е завршена. Тоа е битка на секој човек, битка за рамноправност, за демократија, за еднаквост, за можност луѓето од различни вери и нации и понатаму да живеат заедно, а тоа е највредното за што човек треба да стане и да се бори“, нагласи Џаферовиќ.
Претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз, Мунир Колашинац, им се заблагодари на гостите од Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора за присуството на свечената прослава на Денот на Бошњаците, истакнувајќи дека ова е важен ден.
„Како претседател на БДС, партија која го претставува бошњачкиот народ во институциите на власта на Република Северна Македонија (РСМ), сакам да ѝ се заблагодарам на РСМ, која го прифати нашето барање за промена на бошњачкиот јазик во босански јазик. Благодарение на овие промени, пописот на Бошњаците се спроведува и на босански јазик“, додаде Колашинац.
Џевад Хот, претседателот на Бошњачкиoт национален совет, го честиташе 28-Септември - Меѓународниот ден на Бошњаците, и потсети на зборовите на првиот претседател на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, дека Бошњаците треба да го чуваат идентитетот бидејќи губитокот на истиот се плаќа со ропство и понижување.
Претседателката на Одделот за координација на Бошњачките национални совети во регионот, Јасмина Цуриќ, истакна дека Бошњаците се стар европски народ кој има јасна, втемелена историска вертикала на постоење.
„Бошњаците се едни од ретките народи кои немаат никакви хипотеки за да се срамат или некому да се правдаат за направено зло или неправда. Со гордост сакам да истакнам дека Бошњаците во својата богата историја никогаш немале системски и организирани злосторнички проекти кон другите народи со кои делеле животен простор и територија“, изјави Цуриќ.
Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, во рамките на неговата посета на Република Северна Македонија се состана со претседателот на државата Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, како и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Со измените на Законот за празници во земјата, на 8 февруари 2007 година во Собранието, 28 септември (Денот кога на Бошњачкиот собир во Сараево, 1993 година, е вратено националното име Бошњак) прогласен е за Ден на Бошњаците во Северна Македонија.