Ekip
11 Април 2025•Ажурирај: 15 Април 2025
Група од 40 нерегуларни мигранти протерани од Италија денес пристигнаа во Леже, Албанија, каде што ќе бидат сместени во центрите за мигранти формирани во рамките на билатералниот договор меѓу двете земји, јавува Анадолу.
Патролниот брод на италијанската морнарица „Либра“ ги пренесе мигрантите до пристаништето Шенѓин, северозападна Албанија.
Групата, во која има мигранти од Тунис, Египет, Бангладеш, Нигерија, Пакистан, Алжир, Грузија и Молдавија, беше примена во првиот прифатен центар на пристаништето.
По првичната регистрација и медицинските проверки, мигрантите ќе бидат префрлени во објект во регионот Ѓадер за понатамошни процедури.
Трансферот е дел од новиот декрет-закон од италијанската Влада на 28 март, со кој се проширува користењето на албанските капацитети за мигрантите кои веќе се наоѓаат во границите на Италија.
Двата центри, лоцирани во северозападните албански градови Шенѓин и Ѓадер, првично беа основани за процесуирање на возрасни, здрави машки мигранти спасени на море од италијанските власти.
Тие беа пуштени во употреба во октомври 2024 година, но останаа главно некористени поради правните предизвици и судските пресуди што доведоа до враќање на претходно пренесените групи мигранти.
Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Пјантедоси, го бранеше потегот, велејќи дека земјата истражува нови начини за менаџирање со миграциите. Тој изрази уверување во претстојните одлуки на Европскиот суд на правдата поврзани со оваа политика.
Договорот меѓу италијанската премиерка Џорџа Мелони и албанскиот премиер Еди Рама, потпишан во ноември 2023 година, беше прв од ваков вид што дозволува земја членка на ЕУ да испраќа мигранти во земја која не е членка на ЕУ за нивно процесуирање.
И покрај тврдењата на Владата дека политиката служи како пречка за нерегуларната миграција, таа се соочи со силни критики од опозициските партии и групите на граѓанското општество, кои тврдат дека ги злоупотребува јавните средства и ги поткопува правата на мигрантите.