Kemal Zorlak
03 Септември 2026•Ажурирано: 03 Септември 2026
Капитенот и најдобриот стрелец во историјата на фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина, Един Џеко, денес објави дека ја завршува репрезентативната кариера, јавува Анадолу.
Џеко се огласи со емотивна порака на својата официјална страница на Фејсбук, потврдувајќи дека претстојниот натпревар против Шведска ќе биде негов последен во дресот со државниот грб.
„Понекогаш се запрашував кога ќе дојде овој момент. Но никогаш не можев да замислам колку ќе бидам емотивен додека ги пишувам овие зборови. На 2 октомври, против Шведска, ќе го одиграм мојот следен и последен натпревар за нашата репрезентација“, порача Џеко.
Во објавата тој истакна дека ништо во неговата богата кариера не може да се спореди со чувството и гордоста што ги имал настапувајќи за репрезентацијата.
„Ништо во мојата кариера не може да се спореди со гордоста што ја чувствував секогаш кога го облекував тој дрес. Ништо. Тоа беше мојот детски сон, сон што го носев со себе секој од 151 пат кога ја имав честа да ја претставувам својата земја на фудбалскиот терен. Секогаш бев подеднакво горд што го носам, токму како и првиот пат“, напиша капитенот на „Змаевите“.
Потсетувајќи се на своите почетоци и на долгогодишниот пат во националниот тим, Џеко истакна дека од неговото деби поминале речиси две децении.
„Поминаа речиси дваесет години од тој натпревар против Турција. Оттогаш многу работи се сменија, се сменив и јас, но мојата љубов кон овој дрес никогаш не се смени. Сега чувствувам дека дојде време да се повлечам. Ако со репрезентацијата стигнав до својата четириесетта година, тогаш тоа е затоа што го давав сето она што го имав. Секојпат. Сè“, истакна тој.
Зборувајќи за најзначајните моменти во репрезентативната кариера, Џеко го издвои историскиот пласман на Светското првенство во Бразил во 2014 година, како и незаборавните победи и голови пред домашните навивачи.
„Играњето за својата земја беше најемотивната привилегија што некогаш ми ја овозможил фудбалот. Пласманот на нашето прво Светско првенство во 2014 година и понатаму е еден од најсреќните моменти во мојот живот како фудбалер. Емоциите што ги почувствував таа вечер по голот против Велс, а потоа и во Зеница против Италија во март, засекогаш ќе останат во моето срце. Да ги видам моите луѓе како слават на улиците на нашите градови беше уште еден неверојатен подарок што ми го даде фудбалот“, додаде Џеко.
На крајот од обраќањето тој ги повика сите навивачи на 2 октомври да бидат со репрезентацијата и заедно да споделат уште една голема емоција на неговото збогување.
„Ќе има време да им се заблагодарам на сите што беа со мене и ме поддржуваа за време на ова прекрасно патување. Засега само сакам таа вечер против Шведска да бидете таму и заедно да споделиме уште една емоција. Затоа што секој од овие неверојатни моменти беше нешто што го доживеавме заедно. И токму така сакам да ја доживеам мојата последна вечер во дресот на репрезентацијата: со сите вас покрај себе, носејќи го дресот што го сакам уште од детските денови – и кој ќе го сакам до крајот на животот“, заклучи легендарниот напаѓач.
Џеко дебитираше за репрезентацијата на Босна и Херцеговина на 2 јуни 2007 година, одигра 151 натпревар и постигна 73 гола.
Во кариерата настапуваше за Манчестер Сити, Волфсбург, Рома, Милан, Интер, Фенербахче, Теплице и Жељезничар.