Besar Ademi
20 Јануари 2017•Ажурирај: 20 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за труд и социјална политика на Република Македонија, Ибрахим Ибрахими, на прес-конференција ги претстави услугите што пензионерите можат да ги користат од владините проекти „Бањско-климатска рекреација за пензионерите“ и „Бесплатен туристички викенд за пензионерите“, јавува Anadolu Agency (AA).
Имплементацијата на проектот за климатска рекреација во Банско, Струмица, започна во 2010 година и оттогаш до крајот на 2016 година, вкупно 37.193 пензионери ја користеле оваа услуга.
Министерот Ибрахими рече дека како резултат на позитивните искуства на проектот во Банско, во 2015 година започна со имплементација и „Бесплатниот туристички викенд за пензионерите“, кој до крајот на 2016 година го искористиле 4.740 пензионери. Ибрахими додаде дека пензионерите што ги користеле услугите во 2014, 2015 и во 2016 година нема да имаат право на овие услуги во 2017 година.
„Со ова се остава можност да бидат опфатени колку што може повеќе пензионери кои претходно немале можност да ги искористат услугите на проектот за бањско-климатска рекреација. Услугата се остварува во правни лица регистрирани за вршење на бањско-климатско лекување со кои Министерството за труд и социјална политика ќе склучи договор за регулирање на правата и обврските на договорните страни согласно добиените понуди“, изјави Ибрахими.
Како што беше најавено од страна на министерот Ибрахими, Министерството за политика и социјална работа за проектот „Бањско-климатска рекреација за пензионерите“ од својот буџет предвиде 35 милиони денари, додека за проектот „Бесплатен туристички викенд за пензионерите“ се предвидени 11 милиони денари.
Пензионерите заинтересирани да ги искористат услугите од овие проекти можат да достават барање почнувајќи од денеска, до 20 февруари оваа година. Право на пристап до услугите имаат корисниците на старосна, инвалидска и на семејна пензија.