Meltem Bulur,Dildar Baykan
31 Мај 2018•Ажурирај: 01 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Генералниот секретар и портпарол на Кабинетот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, денес во Анкара изјави дека на поединци им смета сè поголемото влијание на Турција на Балканот, и дека целта на неговата земја во регионот не е остварување на влијание, туку мир и стабилност, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Анкара вчера започна 2. Балканска средба, организирана во соработка со Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Институтот за стратешко размислување (SDE), со присуство на научници, академски работници, верски службеници, претставници на невладините организации и медиуми од 11 земји на Балканот. На вториот ден од средбата е одржан собир на тема „Работилница на стратешко размислување за иднината на Балканот“.
Калин во својот говор истакна дека неговата земја за овој регион има три темелни приоритети, а тоа се обезбедување на политичка стабилност, остварување на економски развој и започнување на движењето за културно оживување.
Тој рече дека е потребно да се посвети големо внимание кога станува збор за политичката стабилност на Балканот, и дека остварувањето на политичката стабилност, мирот и благосостојбата е значајно не само за регионот, туку за секого.
Тој додаде дека на тој план постојат две опасности, една од нив е микро национализмот, а втората се периодичните надворешни интервенции со кои се сака да се направи неред во регионот.
Калин исто така констатираше дека регионот на Балканот сè уште не го остварил нивото на економски раст кое го заслужува, и порача дека Турција, во намерата да се оствари тој економски раст, покренала низа проекти во земјите од регионот. Како што изјави тој, Турција во повеќе наврати упатила апел до своите инвеститори да вложуваат во регионот, а денес бројни компании делуваат во регионот, но нагласи дека тоа сè уште не е на посакуваното ниво.
Калин укажа на значењето на турските банки кои отвориле свои претставништва во земјите од регионот, кредитните линии кои банките ги одобриле, но и проектот за автопатот кој ќе ги спојува Сараево и Белград. Калин изјави дека и претседателот Реџеп Таип Ердоган го нарекол овој автопат „Балкански автопат на мирот“.
Тој порача дека Турција ги поддржувала и ќе продолжи да ги поддржува земјите на Балканот за да бидат примени под закрила на НАТО.
Тој наведе и дека на поединци им пречи фактот што Турција е сè повлијателна во регионот на Балканот.
„Целта на Турција на Балканот не е да оствари влијание, туку да воспостави мир, стабилност и безбедност. Ние тоа го докажавме повеќепати. Да имавме други цели на Балканот, веќе одамна би преземале различни ангажмани. Турција во сите односи е крајно транспарентна, има пристап во кој еднакво ја уважува секоја страна. Тоа е она што Турција го бара и за целиот свет. Нашиот претседател упорно вели дека светот е поголем од пет (петте членки на СБОН), а тоа значи дека моменталниот светски поредок не ја задоволува правдата и еднаквоста, односно дека е потребно да се пронајде решение за овој проблем“, изјави Калин.
Тој укажа и на опасноста од терористичката организација ФЕТО, која дејствува во земјите на Балканот.
„ФЕТО не е само закана за Турција, туку закана за секого каде и да се наоѓа. Многу е значајно за тоа да бидат свесни и нашите браќа на Балканот. Тие (ФЕТО) го користат зборот религија, дијалог, братство, милост, а всушност се сокриваат зад тие зборови. На тој начин започнаа едно големо предавство и ги ставија своите потписи на изопаченоста која може да ги наруши темелите на исламот. Сите мораме да бидеме внимателни на тој план“, изјави Калин.
Тој додаде дека ФЕТО во земјите на Балканот дејствува во последните 20 до 25 години.
„Она што вчера го направија во Турција, утре ќе се обидат да го направат и во вашата земја. Ни најмалку не се сомневајте во тоа. Не само на Балканот, тоа ќе се обидат да го направат и во Африка, Азија и во другите делови на светот“, порача Калин, додавајќи дека е време, на Балканот да се затвори ерата на ФЕТО.
Калин обраќањето го заврши со следните зборови:
„Не заборавајте, силна Турција е добра за Балканот. Силен, успешен и стабилен Балкан е добар за Турција, а добар е и за целиот свет.“