Seyit Şamil Kurt
03 Август 2026•Ажурирано: 03 Август 2026
Косовските власти идентификуваа втора локација за која постои сомневање дека претставува масовна гробница во северната општина Зубин Поток, само неколку дена откако започнаа ископувања на друга локација во близина, за која се верува дека содржи посмртни останки на жртви од војна во Косово во период од 1998 до 1999 година, јавува Анадолу.
Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека истражителите вчера идентификувале нова сомнителна локација во селото Јабука, каде што, според локалните медиуми, се претпоставува дека се закопани човечки останки.
Обвинителството наведе дека ќе побара судско одобрение за ексхумација и форензички испитувања пред да започнат ископувањата.
Вршителката на должноста претседателка на Косово, Албулена Хаџиу, изјави дека сомневањата за постоење втора масовна гробница претставуваат „сериозен потсетник“ на злосторствата извршени за време на војната и покажуваат дека правдата сè уште не е целосно задоволена.
„Секоја откриена гробница е чекор кон вистината, но и доказ дека раните од војната ќе останат отворени сè додека не биде пронајдено и последното исчезнато лице и додека одговорните не бидат изведени пред правдата“, напиша таа на Фејсбук.
Во посебна објава на американската платформа за социјални медиуми Х, Хаџиу ја обвини Србија дека продолжува да крие информации за исчезнатите лица, да ги заплашува сведоците и да ја попречува правдата, повикувајќи ги меѓународните партнери да ги осудат таквите постапки.
Србија засега не се огласи во врска со идентификувањето на втората сомнителна локација. Минатата недела, Канцеларијата за Косово во Белград го осуди приведувањето на двајца косовски Срби поврзани со истрагата, оценувајќи го како чин на „тероризам, одмазда и заплашување“ насочен кон српската заедница.
Ископувањата во селото Калудер во општина Зубин Поток започнаа на 28 јули, откако властите добиле информации дека на таа локација би можела да се наоѓа масовна гробница поврзана со војната во Косово.
Според вршителот на должноста премиер Албин Курти, досега на локацијата се пронајдени посмртните останки на седум лица.
Курти изјави дека останките би можеле да им припаѓаат на група од 23 интелектуалци, меѓу кои лекари, професори и активисти за човекови права, кои биле киднапирани од северниот град Митровица на 19 април 1999 година. Тој додаде дека ќе биде потребна ДНК-анализа за да се утврди нивниот идентитет.
Косовските власти соопштија дека новоидентификуваната локација во Јабука се наоѓа на околу 10 километри од местото каде што се вршат ископувањата во Калудер.
Курти викендов изјави дека ископувањата во Калудер би можеле да траат со недели, па дури и со месеци, бидејќи човечките останки биле расфрлани низ целата област.
Војната во Косово во периодот од 1998 до 1999 година однесе повеќе од 10.000 животи, од кои најголемиот дел беа етнички Албанци, а повеќе од еден милион луѓе беа раселени. Според косовските власти, повеќе од 1.600 лица, од кои мнозинството се косовски Албанци, сè уште се водат како исчезнати.