Со положување цвеќе, едноминутно молчење и рецитирање на молитвата Фатиха, денес беше оддадена почит на 43 Сараевци убиени на денешен ден во 1995 година на Маркале, кај северниот влез на градскиот пазар, јавува Анадолу.
Членови на семејствата, претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина Денис Беќировиќ, делегации од различни нивоа на власта, како и претставници на здруженија положија цвеќе на местото на масакрот на улицата „Мула Мустафа Башескија“ број 64.
Претседателката на Унијата на цивилни жртви од војната на Кантонот Сараево, Сенида Каровиќ, истакна дека овој масакр се разликува од другите злосторства извршени за време на опсадата на градот.
„По овој масакр, чашата на трпението на светската јавност се прелеа и следуваа напади на НАТО врз српските позиции околу Сараево. Добро се сеќавам на тој ден: владееше нема тишина, градот беше пуст, а околу градот се слушаа пригушени детонации. Дури преку медиумите и сведоштвата видовме дека на сила може да се одговори единствено со сила. Затоа жртвите од ова место му донесоа мир на Сараево и на Босна и Херцеговина, по што следуваше Дејтонскиот мировен договор“, рече Каровиќ.
„Наша обврска и аманет е да сведочиме и страдањата од 1.425 дена опсада да им ги пренесуваме на нашите деца и внуци. Не за да се одмаздуваме, туку за да се знае вистината, кој бил агресор, а кој жртва“, рече Каровиќ.
Осврнувајќи се на смртта на воениот командант на Војската на Република Српска и осуден воен злосторник, Ратко Младиќ, Каровиќ наведе дека зад него остануваат пресудите од Хаг и илјадници расплакани семејства.
„Замина оној што наредуваше зло, кој ги масакрираше нашите семејства и ги уништуваше нашите градови. Замина таму каде што заслужи, а зад него останаа злосторствата што ги изврши“, додаде таа.
Дамир Малагиќ, кој во времето на масакрот имал 15 години и продавал свеќи на пазарот, се присети на моментот на нападот во кој за малку ќе го загубел животот.
„Ми дојдоа двајца другари, Аднан и Дарио, да се поздравиме, бидејќи заедно одевме на училиште. Ги испратив до вратата, тие излегоа, а јас останав. Детонацијата ме фрли во воздух три или четири метри, паднав на подот, а овој ѕид ме спаси. Излегов да видам што се случи со нив, но постарите преживеани ме вовлекоа внатре. Да излезев уште еден чекор, и јас ќе загинев“, раскажа Малагиќ.
Коментирајќи го величењето на воените злосторници и најавите за церемонии, Малагиќ ги повика младите генерации да го чуваат споменот на загинатите.
„Им порачувам на младите во што поголем број да доаѓаат овде и да им одадат почит на жртвите што загинаа во Сараево. Наредуваа да нè убиваат, а и денес има такви што го величаат тоа и изнесуваат неприфатливи тврдења. Затоа е важно да се доаѓа и да се памети“, порача Малагиќ.
Минофрлачка граната од калибар 120 милиметри, испукана тоа кобно утро од позициите на Војската на Република Српска од правец на Требевиќ, експлодирала кај влезот на сараевскиот Градски пазар, што се смета за едно од најстрашните злосторства што српските воени, полициски и паравоени формации ги извршиле во опколеното Сараево.
Масакрот на Маркале, во кој беа убиени 43, а тешко ранети 84 цивили, беше последното големо злосторство во опколеното Сараево, по што следуваше операцијата на силите на НАТО под називот „Deliberate Force“ (Намерна сила).
Воено-политичкото раководство на Србите тогаш беше принудено да го деблокира Сараево и да го повлече вооружувањето и артилеријата од позициите околу главниот град на Босна и Херцеговина.
Злосторството на Маркале, кое се случи кон крајот на август 1995 година, беше вториот голем масакр на тој сараевски пазар.
Првиот се случи на 5 февруари 1994 година, кога минофрлачки проектил испукан од позициите на Војската на Република Српска на подрачјето на селото Мрковиќи падна врз преполниот градски пазар. Тогаш беа убиени 68, а ранети 144 жители на Сараево.
За тероризирање на жителите на Сараево, на доживотна затворска казна беа осудени поранешните политички и воени лидери на Република Српска, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, додека командантите на Сараевско-романискиот корпус на Војската на Република Српска, Станислав Галиќ и Драгомир Милошевиќ, беа осудени на повеќегодишни затворски казни.