Edıta Zekjırovıkj
07 Септември 2021•Ажурирај: 08 Септември 2021
СКОПЈЕ
„Патот кон полноправно членство во Европската Унија е приоритет, затоа што за европските вредности и принципите на кои почива заедничкиот европски пазар, за нас не постои подобра алтернатива“, изјави претседателот на Република Северна Македонија (РСМ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот го истакна ова на отворањето на вториот дел од Конференцијата „Економско закрепнување и раст по Ковид“, организирана од страна на Министерството за финансии.
„Глобалната економија е сè уште фрагилна, а предизвиците се големи, за разлика од лани, општата економска прогноза е подобрена, иако закрепнувањето според очекувањата се одвива бавно. Нашата економија не е исклучок од светските трендови, при носењето на сите мерки за заштита на населението, примарна цел беше да се минимизираат загубите во економијата и да им се помогне на најзагрозените сектори, се разбира колку што беше тоа возможно во тие услови“, истакна Пендаровски.

Според него, загубите се огромни и ќе треба време за закрепнување на македонското стопанство кое и пред пандемијата не било во завидна состојба.
„Она што е значајно е дека веќе имаме доволно информации и анализи за да процениме кои одлуки биле погрешни и не треба да се повторуваат, а кои продуцирале позитивни ефекти. Токму пред самиот почеток на пандемијата нашата земја стана полноправна членка на НАТО-алијансата, што освен безбедносната компонента, на среден и на долг рок, очекуваме да резултира и со поголема економска стабилност и предвидливост, зголемена доверба од меѓународните партнери и отворање на нови перспективи во инвестиционата сфера“, изјави Пендаровски.
На отворањето се обрати и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој смета дека преку размената на идеи на Конференцијата ќе се придонесе за подобрување кон кохерентноста на политиките и зајакнување на процесот на планирање на државниот и локалниот буџет.
Според него, во вакви тешки времиња, загуба претрпуваат голем број граѓани, институции и компании кои вршат стопанска дејност, па затоа сите заедно треба да се вклучат во изнаоѓањето оптимални решенија.
На вториот дел од Конференцијата, како и на првиот дел, присуствуваа голем број министри од РСМ, претставници од меѓународни финансиски институции, експерти од областа на економијата од РСМ и земјите во регионот.
На денешното продолжување на Конференцијата се дискутираше на теми што имаат за цел да придонесат за подобрување на економската состојба по кризата што ја предизвика вирусот Ковид-19 и беа распределени во три панел-дискусии, а тоа се јавни и приватни инвестиции и конкурентност, паметна и зелена економија, човечки капитал и инклузивен раст.