Bojana Stojanovic
28 Август 2020•Ажурирано: 29 Август 2020
БЕЛГРАД
Најголем број ученици во основните училишта во Србија се изјаснија дека од 1 септември ќе продолжат наставата да ја следат во училиште, додека само 3,7 отсто од учениците се определија за настава од дома односно онлајн, соопшти денеска Министерството за образование, наука и технолошки развој, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Училиштата имаа обврска до 27 август на училишните управи да им ги достават оперативните планови и извештаи во врска со посебната програма за образование и воспитување во согласност со мерките за заштита од ширењето на коронавирусот.
Кога станува збор за првиот циклус на образование, 3,1 отсто од учениците од прво до четврто одделение се определија наставата да ја следат од дома, додека за таквиот вид настава се определија 4,3 отсто од учениците во вториот циклус.
Училиштата во рамките на оперативните планови се изјаснуваа и за моделите на наставата.
Во првиот циклус, од основните училишта, за настава која во одделенијата се остварува во полн состав, се определија 37,9 отсто, односно 479 училишта, а за поделба во две групи се 299 училишта, односно 23,7 отсто. Некои од училиштата ќе користат комбинација на предложените модели на ниво на поединечни одделенија - некои одделенија работат во полн состав, а некои се делат.
Дел од училиштата имаат специфична организација, покрај музичките, балетските и специјалните училишта. Таквите училишта се организираа по поинаков модел, бидејќи имаат индивидуална настава или настава во помали групи.
Во вториот циклус во основните училишта, за настава која во одделенијата се остварува во полн состав, се определија 31 отсто од училиштата, односно 392, за поделба во две групи - 30,5 отсто од училиштата (383), додека некој друг модел избрале 314 училишта.
Анализата на доставените податоци покажа дека училиштата многу внимателно ги разгледале просторните капацитети и услови, како и дека со цел безбеден почеток на школската година, добро е испланирано користењето на училишниот простор.