Dejan Maksimovic
15 Април 2022•Ажурирај: 15 Април 2022
САРАЕВО (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, во рамките на својата официјална посета на Босна и Херцеговина (БиХ), оствари средба со претседавачот со Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
„На средбата беше оценето дека севкупните односи и соработка меѓу БиХ и Северна Македонија се добри, без отворени прашања и дека постои заемен интерес за нивно подобрување, особено во областа на економската, културната и образовната соработка“, се наведува во соопштението од Претседателството на БиХ.
Констатирано е дека не се искористени сите можности за развој на односите, особено кога станува збор за економската соработка. Изразена е намера во иднина да се искористат потенцијалите за зајакнување на економските односи и зголемување на трговската размена. Нагласена е и важноста од одржување на динамиката на дијалогот на највисоко ниво, што, како што се истакнува, дополнително ќе ја зајакне билатералната соработка меѓу двете земји.
Говорејќи за европскиот пат на земјите од Западен Балкан, кажано е дека тој нема алтернатива и го претставува заедничкиот интерес на регионот и на Европската Унија. Џаферовиќ го поддржа деблокирањето на процесот за пристапување на Северна Македонија во ЕУ и почетокот на преговорите за полноправно членство.
Се разговараше и за придобивките од бројните регионални иницијативи насочени кон зајакнување на соработката во различни области од особено значење за економскиот развој и стабилноста во регионот.
На средбата присуствуваа советникот на членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, Бошко Томиќ и советникот на членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, Славен Ковачевиќ.