Stipe Majic
12 Септември 2018•Ажурирај: 13 Септември 2018
ЗАГРЕБ (АА) - Според податоците на Хрватскиот завод за јавно здравство (ХЗЈЗ), од месец јули оваа година, кога дојде до епидемија на грозницата предизвикана од вирусот Западен Нил, па до 10 септември, во Република Хрватска од оваа болест се заболени 39 лица, од кои петмина се во тешка здравствена состојба, јавува Anadolu Agency (AA).
На Клиниката за инфективни болести „Фран Михаљевиќ“ во длабока кома се наоѓаат пет лица заболени од вирусот Западен Нил, а во живот опстануваат благодарение на апаратите.
Податоците зборуваат дека поголемиот дел од заболените, 35 од 39, заразени се во северозападното и источното подрачје на Хрватска, каде што количеството комарци, поради речните сливови и мочуришта, е значително зголемено во споредба со преостанатиот дел од земјата.
Во Далмација е забележан само еден случај на оваа болест, и тоа во Шибеничко-книнската жупанија.
„Грозницата на Западен Нил е болест предизвикана од вирусот Западен Нил (ВЗН), кој во природата се одржува во циклусот меѓу комарците и птиците, кои се примарни резервоари на вирусот“, соопшти ХЗЈЗ.
„Вирусот се пренесува на луѓе, копитари и други цицачи преку убод од комарец, најчесто од видот Culex, а можат да го пренесат и други видови комарци (на пр. Aedes albopictus). Болеста не се пренесува од човек на човек и се појавува во зависност од сезонските активности на комарците во летните и во есенските месеци“, се вели во соопштението.
„Инфекцијата најчесто минува без симптоми (во 80 отсто од случаите), а во 20 отсто се манифестира болест, главно со благи симптоми кои наликуваат на настинка или грип, како што се зголемена температура, главоболка, болка во мускулите и зглобовите, и понекогаш осип. Ретко се случува да се развие потешка болест - доколку вирусот го зафати централниот нервен систем (околу 1 отсто од заболените), со симптоми на менингитис/енцефалитис (воспаление на мозокот)“, информира ХЗЈЗ.
Од ХЗЈЗ предупредуваат дека со цел намалување на ризиците од инфекција на ВЗН, покрај мерките за сузбивање на комарците, важна е личната заштита од убод на комарци.
Според податоците на Европскиот центар за спречување и сузбивање на болести, до 6 септември на подрачјето на Европа забележани се вкупно 1.112 случаи на грозница на Западен Нил, од кои во истиот период починале 71 лице.