Stipe Majic
04 Јануари 2021•Ажурирај: 05 Јануари 2021
ЗАГРЕБ (АА) - На седницата на Владата од Република Хрватска за санирање на последиците од земјотресот, што ja погоди претежно Сисачко-мославичката, но и соседните жупании, прогласена e состојба на катастрофа, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на почетокот на седницата рече дека Владата прогласува катастрофа во подрачјата погодени од земјотресот поради големата материјална штета во земјотресот со јачина од 6,2 степени.
„Во земјотресот повредени се 24 лица, 18 се на болничко лекување, додека шест се отпуштени. Во акциите беа повредени четворица пожарникари, а еден волонтер го загуби животот во текот на пружањето помош. Поради ова, во Хрватска 2 јануари 2021 година беше прогласен за ден на жалост“, наведе премиерот Пленковиќ.
Тој во името на целата Влада, изрази сочувство до семејствата на загинатите сограѓани.
„Тлото од понеделникот и понатаму се тресе, тоа го видовме и утрово, бидејќи земјотресот се почувствува и во Загреб. Тоа не значи дека треба и понатаму да бидеме во страв, но сепак сите мора да бидеме внимателни“, порача Пленковиќ.
Хрватскиот премиер им се заблагодари на Армијата, Црвениот крст, Хрватската планинска служба за спасување, пожарникарите, волонтерите и на сите луѓе со добра волја што им помагаа на унесреќените.
„Тоа беше единство на кое сите заедно можеме да бидеме горди. На терен се голем број статичари, градежни инженери, а голем број градежни компании дадоа свој придонес. Исто така, би сакал да им се заблагодарам на многу држави, земји членки на ЕУ и на оние што не се, кои за краток временски период преку механизмот за цивилна заштита дадоа поддршка и доставија клучни потрепштини“, рече Пленковиќ.
„Со оглед на тоа што Владата во моментов се соочува со две големи кризи, земјотресите и Ковид-19, денес одлучивме да прогласиме состојба на катастрофа во Сисачко-мославичката, делови на Карловечката и Загрепската жупанија и да формираме штаб на чие чело ќе биде министерот Томо Медвед, потпретседатели ќе бидат Борис Милошевиќ и Дарко Хорват“, рече Пленковиќ.