Adel Omeragic
21 Мај 2018•Ажурирај: 21 Мај 2018
ПОДГОРИЦА (AA) - Црна Гора денеска го одбележува Денот на независноста. На референдумот на 21 мај 2006 година, 55 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот се изјаснија за независна Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
Независноста на Црна Гора е прогласена на 3 јуни 2006 година, на 28 јуни таа година Црна Гора стана 192. членка на Обединетите нации, а на 11 мај 2007 година членка на Советот на Европа.
Според официјалните резултати, црногорската независност ја поддржале 230.661 граѓани или 55,5 отсто од 86,3 отсто граѓани со право на глас што излегоа на референдум, додека за опстанок на заедничката држава со Србија биле 185.002 гласачи или 44,5 отсто.
На одржувањето на референдумот му претходеа преговори со претставниците на блоковите за независност и заедничката држава преку словачкиот дипломат и посредникот на Европската Унија (ЕУ), Мирослав Лајчак. Во повеќемесечните преговори, најмногу спорење имаше околу мнозинството кое е потребно за да успее референдумот, за да, со посредство на ЕУ, на крајот биде договорено дека за успех на референдумот било потребно да го поддржат 55 отсто од излезените гласачи.
Собранието на Црна Гора претходно усвои Закон за референдум, кој е договорен со препорака на Европската Унија.
Претседателот на Владата на Црна Гора, Душко Марковиќ, по повод Денот на независноста порача дека Црна Гора во изминатите 12 години, од обновата на државната независност, се наметна како факт за стабилност во регионот.
Тој рече дека членството во НАТО директно позитивно придонесува за црногорската економија и дека Владата ќе продолжи да води реформски процеси и оти нема да допушти ниту прекројување на црногорската историја, ниту историска манипулација.
„Дванаесет години е и доволно, но истовремено и малку време да заживеат сите очекувања што ни ги донесе 21 мај. Посебно кога станува збор за нестабилниот и неразвиен Балкан, каде што ниту денеска не се изгасени сите огнови кои проголтале илјадници човечки животи и немерливи материјални добра. И денеска ги има тие огнови во нашето окружување, и денеска се закана за секоја разумна и напредно ориентирана политика“, рече претседателот на Владата, обраќајќи им се на функционерите на приемот кој го приреди по повод Денот на независноста.
Тој истакна дека Црна Гора се наметна како важен фактор на стабилност, промовирајќи дијалог и толеранција, градејќи мостови и создавајќи амбиент во кој помалку ќе има свртувње во минатото, а повеќе ќе се гледа во иднината.
„На тој начин, иако е најмала држава во регионот, Црна Гора даде најголем придонес за балканската стабилност, свесна дека без стабилноста нема напредок, нема приклучување кон развиените европски држави, нема економско опоравување и подобар живот за нашите граѓани“, наведе Марковиќ.
По повод Денот на независноста, 21 и 22 мај се неработни денови во Црна Гора.