Admir Fazlagic
09 Април 2020•Ажурирај: 10 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) - Мајка и четиримесечно бебе од Кочани се примени на Инфективната клиника во Скопје. Бебето е позитивно на вирусот Ковид-19, потврди министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче, јавува Агенција Анадолија (АА).
„На Клиниката се наоѓа и примена е мајка и четиримесечното бебе од Кочани коишто во моментот имаат стабилна клиничка слика, секојдневно конзилиарно се пратат од страна на педијатар со некоја сосема лесна форма на анемија и испип. Бебето е во стабилна здравствена состојба без потреба од респираторна поддршка", изјави министерот Филипче на редовната прес-конференција.
Во Северна Македонија вкупно 18 деца до 9-годишна возраст се заразени со Ковид-19, соопшти на 6 април епидемиологот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје. Според него, кај сите деца клиничката слика е лесна и не била потребна долга хоспитализација.
Министерот Филипче информираше дека притвореник во затворот Скопје во Шуто Оризари, примен на 8 март оваа година, кој починал од срцев удар, без симптоми за Ковид-19, посмортем му е потврден Ковид-19.
„Во моментов се прават епидемиолошки анкети на сите кои биле во близок контакт со него, по што ќе се преземат соодветни мерки", рече Филипче.
Министерството за здравство на Северна Македонија денеска информираше дека во изминатите 24 часа се регистрирани 46 нови случаи, позитивни на Ковид-19 (коронавирусот). Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во земјата изнесува 663 лица.
Во Северна Македонија досега се потврдени 30 смртни случаи од последиците на Ковид-19, а излечени се 37 пациенти.
Во изминатото деноноќие направени се 341 теста на Ковид-19, а досега вкупната бројка тестирања на овој вирус во земјата изнесува 6.571.