Michael Gabriel Hernandez
08 Октомври 2022•Ажурирај: 10 Октомври 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на САД, Џо Бајден, ги обвини Саудиска Арабија и Русија поради зголемувањето на цената на горивата откако OPEC+ донесе одлука за драматично намалување на производството на нафта, известува Агенција Анадолија (АА).
„Успеав претходно да ја намалам цената на бензините до 1,6 долари, но цената сега расте поради она што токму сега го сторија Русите и Саудијците. Сѐ уште не завршив со тоа“, рече Бајден во обраќањето во американската сојузна држава Мериленд.
Претседателот на САД сигнализираше дека бараат алтернативи по одлуката на OPEC+ да го намали глобалното производство на нафта за околу 2 милиони барели дневно.
Организацијата на земји извознички на нафта (OPEC) и сојузниците, познати како OPEC+, во средата се договорија од ноември да го намалат производството на нафта за 2 милиони барели дневно во однос на нивото на производство во август.
На првата директна средба во март 2020 година, 23 членки на групата го одржаа 33. министерски состанок на тема обемот на производството. Групата укажа на неизвесноста со која е опкружена глобалната економија и изгледите на пазарот на нафта. На состанокот е посочено на „потребата од подобрување на долгорочните упатства на пазарот за нафта“.
На средбата е продолжена важноста на Декларацијата за соработка до 31 декември 2023 година.
Следниот состанок на членките на OPEC и земјите кои не се членки е закажан за 4 декември.
OPEC+ го намали дневното производство на сурова нафта за околу 10 милиони барели во април 2020 година поради наглиот пад на побарувачката по започнувањето на пандемијата на Ковид-19. Кога во април 2021 година глобалната економија и побарувачката на нафта почнаа да закрепнуваат, започна и постепено ублажување на овие резови.
Земјите членки се согласија да го намалат производството на нафта за 100.000 барели дневно во октомври.