Emre Gürkan Abay
16 Септември 2022•Ажурирај: 19 Септември 2022
МОСКВА (АА) - Гувернерката на Централната банка на Русија, Елвира Набиулина, изјави дека во земјата е намалена употребата на долари и евра поради западните санкции кон Москва, јавува Агенција Анадолија (АА).
Набиулина разговараше со новинарите по одлуката на Централната банка да ја намали каматната стапка од 8 на 7,5 отсто.
„Загрижени сме што очекувањата за инфлацијата на населението остануваат високи, и покрај неколкумесечниот пад на цените“, рече Набиулина.
Таа додаде дека инфлацискиот притисок може дополнително да се зголеми во иднина.
„Ова може да се случи, меѓу другото, со намалување на тенденцијата на луѓето да штедат. Во моментов, граѓаните штедат повеќе отколку што трошат“, рече Набиулина.
Потсетувајќи дека каматната стапка е намалена на 7,5 отсто, додаде дека таа е во зоната на неутралната монетарна политика.
„Веруваме дека просторот потребен за натамошно намалување на каматната стапка се стеснува. Циклусот на намалување на каматните стапки е при крај. Сметаме дека е соодветно да останеме во неутралната зона“, рече Набиулина.
Таа посочи и дека продолжуваат со активностите за дигитална рубља.
„Сметаме дека ова е исклучително важно за развојот на финансискиот систем и плаќањата. Во моментов ја тестираме дигиталната рубља со 15 банки. Сакаме да почнеме да работиме со вистински купци во ограничени количества од 1 април 2023 година“, рече гувернерката на Централната банка на Русија.
Како што истакна, во Русија е намалена употребата на долари и евра поради санкциите.