Övünç Kutlu
16 Април 2022•Ажурирано: 18 Април 2022
АНКАРА (АА) – Европа се очекува да забележи помал економски раст и повисока инфлација поради војната на Русија во Украина, што сега е во осмата недела, покажува истражувањето објавено вчера од Европската централна банка (ЕЦБ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Испитаниците ги ревидираа своите очекувања во однос на инфлацијата на 6% и на 2,4% за 2022, односно за 2023 година, се наведува во Истражувањето на ЕЦБ на професионални прогнозери за вториот квартал од 2022 година.
Претходните проценки за инфлацијата беа 3% за годинава и 1,8% за следната година.
Прогнозите за економски раст беа намалени на 2,9% за 2022 година и 2,3% за 2023 година. Претходните очекувања изнесуваа 4,2% за 2022, односно 2,7% за 2023 година.
„Испитаниците како главен фактор зад ревизиите на макроекономските показатели ја наведуваат војната во Украина“, се наведува во истражувањето на Европската централна банка.
Се додава дека според испитаниците, овие ревизии главно ги одразуваат индиректните ефекти од повисоките цени на енергенсите и на храната, како и од нарушувањето во синџирот на снабдување.