Aysu Biçer
09 Октомври 2020•Ажурирај: 11 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Билатералните трговски и деловни односи меѓу Турција и Соединетите Американски Држави (САД) се подобрија, и покрај пандемијата на новиот тип коронавирус, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Обемот на трговска размена се искачи за 3,5 отсто на годишно ниво за време на овој невообичаен период кога земјите се борат да тргуваат со нивните партнери“, изјави заменик-министерот за трговија, Риза Туна Турагај, за време на вебинарот за иднината на трговските односи меѓу Турција и САД, организиран од Турската организација за наследство.
„Целта од 100 милијарди долари во билатералната трговија поставена од двете земји не е политички мотивирана“, додаде тој.
Во јуни 2019 година, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот американски колега Доналд Трамп ја зголемија целта во билатералната трговска размена од 75 на 100 милијарди долари.
„И покрај тоа, видовме некои подеми и падови во нашите билатерални односи, на крајот сè се сведува на трговијата и трговските односи“, рече тој.
„Верувам дека мора да постигнеме брз напредок кон целта. Во оваа смисла, многу е вредно зајакнувањето на вмрежувањето меѓу нашите деловни заедници.“
Турагеј истакна дека Договорот за слободна трговија меѓу Турција и САД за меѓусебна либерализација на трговијата во одредени сектори ќе им даде здрав поттик на билатералните врски.
Сепак, според него, пред да се постигне таков договор, треба да се решат одредени прашања.
„Воспоставивме царинска унија со ЕУ, затоа треба да ги следиме чекорите на ЕУ. Тоа е едно од ограничувањата“, објасни тој.
„Тарифите за турските производи од челик и отстранувањето на Турција од генерализираната програма за повластен систем за трговија, исто така, се сметаат за ограничувања од Анкара“, истакна тој.
„Значи, ние мора да ги решиме овие проблеми и следниот чекор ќе биде договор за слободна трговија“, заклучи тој.
Во март 2018 година, Трамп одлучи да додаде дополнителни 25 отсто тарифа за увозот на челик во обид да ја заштити националната безбедност.
Во август истата година, Трамп ги зголеми и тарифите за увозот на челик и алуминиум од Турција на 50 отсто.
Анкара возврати со спроведување еднакви тарифи за некои увезени производи од САД.
Во мај 2019 година, САД ги намалија тарифите за увоз на челик од Турција на 25 отсто.
Иако Анкара се обиде да разговара за овој потег со Вашингтон, тоа не вроди со плод за што потоа беше поднесена жалба до Светската трговска организација.
Во јули, Американскиот суд за меѓународна трговија утврди дека одлуката на Трамп за турскиот челик е незаконска, пресудувајќи дека претседателот нема овластувања да ги прави односните законски измени.