Aynur Altunışık
04 Септември 2026•Ажурирано: 04 Септември 2026
Осумдесет и двегодишниот Мемиш Ергин, кој живее во турскиот град Аксарај, со гордост одбележува 70 години во професијата поправање обувки, со која започнал уште како дете, пишува Анадолу.
Ергин, кој е роден во 1944 година во местото Јешилова, започнал да се занимава со професијата уште во основно училиште, бојосувајќи обувки покрај својот зет. Започнал со лепење гума и продажба на опинци, а подоцна станал чирак кај мајстор за изработка на обувки.
Во процесот од чирак до мајстор Ергин стекнувал искуство во секоја работа во дуќанот, а по отслужувањето на воениот рок целосно се посветил на поправањето обувки.
И покрај поодминатата возраст, мајсторот Мемиш со иста решителност како и првиот ден застанува зад работниот пулт и со наковалната, чеканот и иглата, кои не ги испушта од раце веќе 70 години, им се спротивставува на времето и развојот на технологијата.
- „Секогаш учев нови работи“ -
Мемиш Ергин за Анадолу изјави дека во годините кога почнал да се занимава со оваа професија, обувките ги изработувале рачно.
Раскажувајќи дека по враќањето од војска отворил свој дуќан и дека и денес продолжува да работи, Ергин вели: „Со поправање обувки започнав покрај зет ми. Сите мои браќа учеа, јас не учев. Со љубов го работам поправањето обувки, а ќе продолжам да работам и покрај поодминатата возраст.“
Ергин вели дека живее со сопругата и дека ги оженил и омажил своите пет деца и им создал семејни домови.
Наведувајќи дека ужива во поправањето обувки, Ергин истакнува:
„Ако човек ја работи својата работа со љубов, тогаш ја работи со желба. Од работа што се прави без желба нема ништо добро. Не е воопшто лесно да се започне со професијата на 12 години, да се стане мајстор и да се работи до оваа возраст. Многу вложив во професијата. Поправањето обувки има важно место во мојот живот. Станав мајстор вложувајќи многу од својот живот. Никогаш не стоев во место, никогаш не бев човек што само седи. Секогаш учев нови работи. Љубовта што ја чувствувам кон мојата професија и на оваа возраст продолжува да ме носи овде.“