Fuat Kabakcı
03 Март 2020•Ажурирано: 04 Март 2020
ПЕКИНГ (АА) - Епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), што се појави во Кина, досега одзеде 2.945 животи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението што го објави Комисијата за национално здравство на Кина се вели дека од епидемијата на коронавирусот во последните 24 часа починале 31 лице, а забележани се 125 нови случаи на Ковид-19.
Со последните бројки, бројот на смртни случаи во Кина изнесува 2.945 лица, од кои 2 лица во Специјалниот Административен Регион Хонгконг. Бројот на заразени од новиот вирус изнесува 80.151, од кои 6.806 лица се наоѓаат во тешка здравствена состојба.
Во исто време бројот на лица што по лекарскиот третман се пуштени од болница изнесува 47.204. Бројката на лица за кои постои сомнеж дека се заразени со новиот тип коронавирус изнесува 587 лица, додека бројката на оние што се ставени под опсервација изнесува 40.651 лице.
Бројот на заразени лица во Кина, надвор од континенталниот дел на оваа земја, достигна 100 случаи.
Новиот тип коронавирус за првпат беше регистриран на 12 декември во градот Вухан во кинеската покраина Хубеј. Комисијата за здравство на Вухан на 31 декември го затвори пазарот за морска храна „Хуанан“, под образложение дека кај 27 лица што биле во контакт со тоа место е забележана „мистериозна болест“.
По експанзијата на епидемијата со новиот тип коронавирус, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи состојба на глобална опасност.