Elena Teslova
25 Април 2020•Ажурирај: 26 Април 2020
МОСКВА (АА) - Русија денес го пријави најголемиот дневен број на смртни случаи од почетокот на епидемијата на коронавирусот во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Вирусот во изминатите 24 часа зеде 66 животи, со што бројот на починати од Ковид-19 во Русија достигна 681“, се вели во соопштението на Тимот за вонредни состојби.
„Вкупниот број на потврдени случаи во земјата се искачи на 74.558, откако во изминатите 24 часа уште 5.966 лица беа позитивни на Ковид-19“, се додава во соопштението.
Според шефицата на Руската санитарна служба, Ана Попова, ширењето на вирусот во земјата се случило преку 355 најтешко погодени подрачја.
Таа истакна дека порастот на бројот на асимптоматски случаи, кои сочинуваат 52 отсто од сите случаи, причинува особена загриженост, што ги принудува властите да го интензивираат тестирањето.
„Досега во Русија се спроведени вкупно 2,7 милиони тестирања за Ковид-19, додека 168.000 лица се под медицински надзор“, додаде Попова.
Осврнувајќи се на прашањето кога би можело да заврши пренесувањето на вирусот, Попова истакна дека искуствата од претходните епидемии покажале дека тоа се случува кога најмалку 60 отсто од популацијата ќе развие имунитет откако ќе биде заразена или вакцинирана.
Во меѓувреме, Светската здравствена организација на својата листа на потенцијални решенија за борба против вирусот вклучи и девет прототип-вакцини создадени од руски научници.
Рускиот Државен истражувачки центар за вирусологија и биотехнологија се очекува да ги претстави првите примероци на готови вакцини до 10 мај.
Претклиничките испитувања ќе траат до 22 јуни, додека клиничките испитувања на вакцината, во кои ќе бидат вклучени 60 волонтери, ќе започнат на 29 јуни.
Бројот на заразени во светот со новиот вид коронавирус, Ковид-19, што се појави во градот Вухан, во кинеската покраина Хубеј, достигна 2.831.915.
Во светот, 197.318 луѓе починаа поради Ковид-19, додека 807.037 лица што беа заразени со вирусот се излекуваа.