Michael Gabriel Hernandez
28 Април 2020•Ажурирај: 29 Април 2020
БАЛТИМОР
Вкупниот број на заразени од новиот тип на коронавирусот во САД надмина 1 милион, се вели во извештајот на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Балтимор, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците што секојдневно ги ажурира овој универзитет, на целата територија на САД досега позитивни на тестот на Ковид-19 биле 1.002.498 лица. Во извештајот се наведува дека регистрирани се 57.266 смртни случаи предизвикани од Ковид-19, а 112.315 лица се излекувани од новиот тип на коронавирусот. Овие бројки ја прават САД најтешко погодена земја во светот од пандемијата на Ковид-19.
Сојузната држава Њујорк продолжува да е епицентар на ширењето на коронавирусот во земјата. Досега позитивни на тестот на Ковид-19 се 291.996 лица, што е 30% од вкупниот број на заразени лица со новиот тип на коронавирусот во САД.
Воедно, една третина од вкупно детектираните лица позитивни на тестот на Ковид-19 во светот се наоѓаат во САД. Во извештајот на универзитетот Џонс Хопкинс кој постојано се ажурира, се наведува дека во светот се регистрирани 3.083.467 лица позитивни на Ковид-19.
Светската здравствена организација (СЗО) на 11 март прогласи „глобална пандемија“ поради ширењето на новиот тип на коронавирусот. Исто така, СЗО Европа и САД ги прогласи за нови епицентри на светската зараза од Ковид-19 кој за првпат се појави во кинескиот град Вухан кон крајот на минатата година. Во изминатите 4 месеци коронавирусот се прошири во најмалку 185 земји од светот.