Husamedin Gina
26 Јули 2021•Ажурирано: 28 Јули 2021
СКОПЈЕ (АА) – Во Скопје, вечерва е отворена изложбата „Колаж на еден разурнат град“, во рамките на одбележување 58 години од катастрофалниот земјотрес, јавува Агенција Анадолија (АА).
Скопје и годинава со повеќе активности и манифестации го одбележи 58 години од катастрофалниот земјотрес од 1963 година, кога градот се разбуди во урнатини под кои 1.070 лица го загубија животот, а 3.000 беа повредени.
Во рамките на активностите во Музејот на Град Скопје беше отворена изложбата наречена „Колаж на еден разурнат град“.
Зоја Богдановска, кустос - советник историчар автор на изложбата за Агенција Анадолија (АА) истакна дека инспирацијата да ја подготви оваа изложба и да ја постави е збирката на стари разгледници од Скопје, којашто брои околу 800 разгледници.

„Меѓутоа сите овие години работејќи на проблематика со разгледниците видов дека постои една група која може да се одвои од другите, а тоа е групата разгледници колажи на кои што има мотиви од разурнатиот град“, рече Зоја Богдановска.
Истакнувајќи дека во разгледниците обично се преставуваат најубавите делови од градот, Богдановска рече дека спротивно на тоа, на овие разгледници се гледаат фотографии на град во урнатини.
Изложбата „Колаж на еден разурнат град“ за посетителите ќе биде отворена до крајот на месец август.
- Земјотресот во Скопје -
На 26 јули 1963 година во 5:17 часот, Скопје беше разурнато од земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата сеизмичка скала, со траење од 20 секунди, а помали потреси се чувствувале до пет часот и 43 минути.
Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени околу 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1.070 негови граѓани, а биле повредени над 4.000.
По земјотресот градот почнал да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски. Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути.
Според кажувањата на скопјани, првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики и неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет. Вкупно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје и помогнале тоа да се изгради повторно, па поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.
Ден по земјотресот, претседателот на Социјалистичката Федеративна Република Југославија, Јосип Броз-Тито, изјавил: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“
Оваа изјава на Тито и денес стои закачена на Старата железничка станица како меморијал за солидарноста во изградбата на Скопје по земјотресот.