Dzihat Aliju
25 Април 2019•Ажурирај: 26 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – Во Скопје се одржа манифестацијата „Денови на културата на Анкара“, јавува Anadolu Agency (AA).
На платформата поддржана од Дирекцијата за односи со невладините организации при Министерството за внатрешни работи на Турција, а организирана од страна на Здружението за балкански култури (БАКИДЕР) присуствуваа советникот за верски прашања при Амбасадата на Турција во земјата, Мурат Алкан, претставници на невладините организации во земјата, ученици и други гости.
Во рамките на манифестацијата беа промовирани Здружението за балкански култури (БАКИДЕР) и Независното здружение на бизнисмени и индустријалци од Турција (МУСИАД), а исто така се одржаа разговори за заедничката култура и историја, како и за настаните од неуспешниот обид за државен удар од 15 јули 2016 година, зад кој стои терористичката организација ФЕТО.
На штандовите подготвени за „Деновите на културата на Анкара“ беа претставени занаетите изработка на стакло, керамика, уметноста Ебру и стрелаштво.
На штандовите, исто така беа претставени Министерството за култура, турската Фондација „Маариф“, Независното здружение на бизнисмени и индустријалци од Турција (МУСИАД), Универзитетот „Карабук“, Универзитетот „Јилдирим Бејазит“ од Анкара, а беше промовирана и книгата „Небото Турција“, која содржи фотографии на фоторепортерите на Anadolu Agency, направени со беспилотни летала.
Претседателот на Здружението за балкански култури (БАКИДЕР), Емин Бајриќ, во изјавата дадена за дописникот на АА, рече дека главната цел на проектот е да се создаде платформа со невладините организации во регионот.
Бајриќ, истакнувајќи дека на платформата се пријавиле околу 20 невладини здруженија од четири земји, истакна: „Ние сме живееле заедно со векови, нашите дедовци создале мостови во нивните срца, така и ние ќе продолжиме по нивниот пат.“
Бајриќ посочи дека целта на оваа манифестација е да се доближат едни до други балканските народи и турскиот народ.
Во рамките на програмата се одржа и мини-концерт.
По промоциите, помеѓу локалните невладини организации и Здружението за балкански култури (БАКИДЕР) беше формирана Платформа за братство, единство и развој - Меѓународни младински невладини организации.
Денови на културата на Анкара, покрај во Северна Македонија, ќе се одржат и во главниот град на Црна Гора, Подгорица, главниот град Србија, Белград и во главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево.