АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара порача дека воздушниот простор на Турција кон северен Ирак е затворен, и дека од Ербил веќе не ќе биде можно да се лета во ниеден правец, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во Анкара имаше обраќање на приемот за претставниците на локалната власт од сите делови на Турција, и во таа пригода се осврна на актуелните случувања. На самиот почеток Ердоган зборуваше за борбата против терористичката организација ФЕТО.
„Предавниците кои, и покрај покажаното ѕверско однесување и злобата, не успеаја во својата намера, сега се изведени пред лицето на правдата и полагаат сметка. Сите осуденици во процесите добиваат соодветни казни. По оние кои избегаа во странство ќе трагаме сѐ додека не бидат казнети на соодветен начин. Без оглед дали се во, или надвор од земјата, сите оние кои ја предадоа Турција и турскиот народ нема да бидат мирни до крајот на животот“, порача Ердоган.
Тој наведе дека многумина денес на Турција ѝ го поставуваат прашањето: „Што правите вие во Сирија, што правите во Ирак? На Балканот, на Кавказ, во Средна Азија, во Северна Африка?“, на што тој одговори:
„Нашиот одговор на оние кои настапуваат непромислено и не ја знаат историјата е следен: сите подрачја источно и северно од Анкара се еден, а сите подрачја на запад и на југ од Анкара го сочинуваат другиот дел од нашето срце“.
Зборувајќи за ситуацијата во северниот дел на Ирак, односно за нелегитимниот референдум во Регионалната курдска управа во северен Ирак, Ердоган нагласи дека неговата земја, претходно, отсекогаш го поддржувала овој регион.
„Турција, која до вчера ѝ пружаше секаква поддршка на Управата во северен Ирак, зошто денес ги затвора граничните премини и воздушниот простор? Одговорот на ова прашање најпрво треба да го даде Регионалната управа на северен Ирак. Бидејќи проблемот до оваа точка не го донесовме ние, туку тие“, рече Ердоган.
Тој додаде дека храната, лековите, облеката, ништо повеќе од север нема да влезе во тој регион.
„Воздушниот простор е затворен. Од Ербил нема веќе да се лета никаде, бидејќи во најголем дел граничи со нашиот воздушен простор. Ние, сето она што е неопходно, како што се храната, лековите, ќе ги испраќаме до централната влада, а тие потоа ќе ги испраќаат кон северен Ирак. Се разбира дека нашата чувствителност на хуманитарен план и понатаму ќе продолжи, но она што го сакаме е народот да воочи каков товар им донесе локалната управа на северен Ирак“, порача Ердоган.
Ердоган во своето обраќање пред локалните челници во Анкара изјави: „Курдите во Ирак и во Сирија ги гледаме исто како Туркмените и Арапите“.
Истакнувајќи дека ниту една етничка група не е супериорна во однос на друга, претседателот рече: „Нашата единствена загриженост во борбата против ПКК и ДЕАШ е дали некој е член на тие терористички групи“.
Тој рече дека терористичката организација ПКК/ПЈД ги искористува курдските браќа.
„Турција е стар пријател на Курдите, исто како и на другите браќа“, рече Ердоган и додаде: „Кога ќе го напуштат (регионот), ние ќе останеме заедно“.
Ердоган додаде дека Турција нема да ги толерира оние Курди што ги поддржуваат терористите.
Во врска со неодамнешниот референдум за независност на Курдската регионална управа (KRG), Ердоган реагираше луто и рече: „Како се осмелувате да кажете 'Киркук е наш'? Дали имате своја историја таму?“.
Нелегитимниот референдум беше спроведен во три покраини контролирани од КРГ, во рамките на ирачкиот Устав, како и спорните подрачја како Киркук, коишто силите на КРГ ги зазедоа во 2014 година.
Нелегитимниот референдум наиде на силно противење од страна на повеќето регионални и меѓународни фактори, вклучувајќи ги САД, Турција и Иран, кои предупредија дека гласањето ќе го одвлече вниманието од ирачката борба против тероризмот и дополнително ќе го дестабилизира регионот.
Турскиот претседател рече дека нема да има повеќе летови до и од Ербил и потврди дека Турција ќе соработува со легитимната влада на Багдад во врска со граничните премини, аеродромите и трговијата со нафта.
„Верувам дека народот во северен Ирак ќе зборува против погрешната политика на КРГ, која го нарушува нивниот сопствен мир и просперитет“, изјави Ердоган.