Besar Ademi
28 Октомври 2016•Ажурирај: 29 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - На денешната прес-конференција претседателот на граѓанската асоциација МОСТ, Дарко Алексов, сопшти дека асоцијацијата што тој ја води започнала со набљудување на предвремените парламентарни избори коишто ќе се одржат на 11 декември оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Алексов објави дека за набљудувањето на изборниот процес и за денот на гласањето ќе бидат ангажирани околу 3.300 набљудувачи на целата територија на Република Македонија.
Тој додаде дека набљудувачите на асоцијацијата МОСТ ќе ја следат и предизборната кампања, работата на изборните органи, предвременото гласање, како и процесот на одлучување по приговорите. За оваа цел, Мост веќе има ангажирано 80 набљудувачи во сите општини на државата, кои ги следат активностите на политичките партии и на државните институции, како и работата на изборните органи.
„Граѓанската асоцијација МОСТ ќе продолжи да биде достапна за граѓаните, кои ќе можат да поднесат извештај за сите видови прекршувања, на бесплатните телефонски линии. Во оваа насока, го промовирамеи видеоклипот `Вашиот глас е ваше право`. Видеото е дел од кампањата за промоција на заштитата на правото на глас, слободата и тајноста на гласањето, кампања што ќе се промовира паралелно со набљудувањето на изборниот процес“, изјави Алексов, откако беше промовирано едноминутното видео на македонски и албански јазик.
Алексов ги повика граѓаните да ги проверат своите податоци во изборната листа, во регионалните канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК) или на интернет-страницата на оваа комисија.
Јавното разгледување на изборната листа започна денеска и ќе продолжи до 11 ноември. Граѓанската асоцијација МОСТ досега има следено 11 изборни процеси на национално ниво, додека членовите на оваа организација биле дел од голем број меѓународни мисии за набљудување на изборите.
Инаку, проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2016“ е поддржан од амбасадата на Велика Британија и на Северна Ирска, од УСАИД преку Националниот демократски институт, Швајцарската агенција за развој и соработка, амбасадата на Холандското Кралство и од Националниот фонд за демократија.