Besar Ademi
14 Октомври 2016•Ажурирано: 14 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Комесарот за преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан, ја започна својата посета на Скопје со средба со премиерот за спроведување на изборите, Емил Димитриев, јавува Anadolu Agency (AA).
Европската комисија преку соопштение информираше: „Целта на посетата на еврокомесарот Хан е да се направи преглед на политичките случувања и да се дискутира за патот напред, особено во однос на организирањето на предвремените парламентарни избори во декември, како и спроведувањето на Итните реформски приоритети“.
По состанокот со премиерот Димитриев, еврокомесарот Хан ќе се сретне со лидерите на четирите најголеми политички партии, со специјалната јавна обвинителка и претставници на граѓанското општество, а во попладневните часови денеска е најавена прес-конференција на еврокомесарот Хан, на која ќе бидат соопштени детали од средбите.
Еврокомесарот Хан вчера испрати порака дека е важно да бидат исполнети условите за одржување веродостојни избори.
„Договорот постигнат минатото лето од страна на сите главни политички партии и поставувањето на датумот на изборите за овој декември се добар чекор. Сепак, ова е само почеток: важно е условите на веродостојни избори да се целосно исполнети и граѓаните да можат слободно да учествуваат на нив“, вели комесарот Хан.