ТИРАНА/ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција се залага за целосно почитување на територијалниот интегритет на Балканот, и дека секоја држава треба да се гледа во рамките на нејзините географски околности, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ердоган, во интервју за албанската телевизија „Top Channel“ (Топ Ченал) зборуваше за одредени прашања, како што се односите со регионот, со Албанија, опасноста од терористичката организација ФЕТО, развојот на настаните во Турција итн.
Ердоган се осврна на изјавите за соединување на Албанија, Македонија и Косово во една држава, при што рече: „Не сакаме да размислуваме за вакво нешто. Секоја држава треба да ја гледаме во рамките на нејзините географски околности. Исто така, интервенциите коишто се направени во историјата на овој регион, никогаш не биле праведни. Тоа се погрешни нешта. Гледаме што се случува до нас, на Блискиот Исток, во Ирак, во Сирија. Не сакам слично нешто да се случи на Балканот. Некои прават вакви пресметки на Балканот, но не треба да дозволиме такво нешто. Ние сме за целосно почитување на територијалниот интегритет на Балканот. Не треба да се дозволи да се играат вакви игри, како во Македонија, така и во Босна и Херцеговина, Албанија, Србија“.
Турскиот претседател нагласи дека не треба сѐ да се цени од аспект на економијата, туку работите треба да се гледаат и од историски аспект и од цивилизациска гледна точка. Турскиот претседател пренесе дека Турција има заедничка историја од 500 години со земјите во регионот, и дека во овие земји, како во Албанија, постојат голем број монументи што датираат од минатото, како и луѓе поврзани со роднински врски. „Не само во Албанија, ова може да се забележи и на целиот Балкан. Ако одите во Македонија, можете ова да го видите и таму, исто и во Босна и Херцеговина. Ние не сакаме се случуваат никакви поделби. Истото можеме да го забележиме и во Србија. Тоа значи дека со регионот имаме многу длабоки историски врски. Не сакаме да ги кинеме тие врски, тие треба да се чуваат и со зајакнување да се продолжат. На тој начин, овие земји лесно ќе стојат на свои нозе“, истакна претседателот Ердоган.
Тој беше запрашан и во врска со тврдењата дека поддржува одредени политички партии во Македонија, Косово и во Албанија. Тој рече дека е многу грдо да се каже такво нешто и додаде дека може да има партии со коишто имаат исти гледишта, како и дека голем број европски земји разменуваат мислења со многу партии од земјите на Балканот.
„Ова е нормално. Може да има такви што сакаат да го слушнат нашето мислење и нашите искуства, и да имаат придобивки од тоа. Ние им даваме поддршка од аспект на размислувањата. Се работи за искуство, и не треба никој да се вознемирува од споделувањето на искуствата“, истакна Ердоган, додавајќи дека Турција никогаш не се вклучува во внатрешна политичка борба и дека тоа не е соодветно.
„Односите меѓу Турција и Албанија се уникатно длабоки. Ние бевме заедно 500 години и продолживме и потоа. Албанија е уникатна земја со културни и религиозни разлики. Овој соживот е богатство. Исто така, има и такви што се обидуваат да предизвикаат поделба во Албанија, но тоа богатство не треба да го допре никој“, истакна Ердоган.
Тој додаде дека Турција е решена да ѝ даде секаков вид поддршка на Албанија, бидејќи, смета турскиот претседател, Албанија е важна земја за Балканот и игра важна улога за стабилноста.
„Стабилноста на Балканот е важнa, па ние мораме да ја задржиме Aлбанија обединета. Мора да се почитува територијалниот интегритет на земјите од Балканот. Никому не треба да му бидат дозволени игри“, рече тој.
- ФЕТО е опасност за Албанија -
Фокусирајќи се на терористичката организација ФЕТО, претседателот на Турција изјави: „Имам посебна молба до Албанците. Ве молиме, не испраќајте ги своите деца во училиштата на Фетула Ѓулен. Од мојот драг пријател, Еди Рама, го имам истото барање, а и од новоизбраниот претседател. Не верувајте им на овие училишта, верувајте ѝ на фондацијата 'Маариф', основана од страна на Министерството за образование“.
Ердоган истакна дека ФЕТО стана закана за Турција. Исто така, тој посочи дека Албанија е земја со мала популација, па тие може да се во уште поголем ризик, бидејќи ФЕТО има намера да ги привлече децата на здрави семејства и да ги образува, за подоцна да се инфилтрираат во институциите, со што се загрозува албанската држава. „И затоа никогаш не треба да им ја дадете оваа можност“, додаде тој.
„Во една пријателска земја како Албанија, оваа терористичка организација може да стане извор на закана за Албанија и потоа може да биде предоцна. Тие се инфилтрираа во институциите, и ние ги отстрануваме. Албанија треба да извлече поука од она што го поминавме ние, бидејќи истото може да го направат и во Албанија, утре или задутре. Сакам да ве потсетам дека оваа можност постои, и вие треба да ги преземете соодветните мерки. Фондацијата Маариф треба да воспостави контакти со институциите, за младите да се школуваат во училиштата коишто ќе се отворат“, истакна Ердоган.
Осврнувајќи се на настаните и напредокот на Турција по ланскиот обид за државен удар на 15 јули, извршен од страна на терористичката организација ФЕТО, турскиот претседател рече: „По обидот за државен удар од страна на терористичката организација ФЕТО, постигнавме некои важни резултати. Оваа година, во првиот квартал, имаме пораст од 5 проценти, при што економски сме треторангирани, а оваа бројка ќе се зголеми и понатаму во иднина. Имаме преземено многу мерки во однос на капацитетот за извоз на Турција. Инвестициите се зголемуваат поради зголемувањето на довербата. За време на референдумот на 16 април, 52 процента од Турците го поддржаа претседателскиот систем, и ова е важен чекор напред“.
news_share_descriptionsubscription_contact


