Cemal Coşkun
08 Јули 2016•Ажурирај: 09 Јули 2016
ИСТАНБУЛ (AA) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган во четвррток пред заминување во Варшава на самитот на НАТО изјави дека Босна и Херцеговина и Македонија што поскоро треба да заземат место во НАТО, јавува Anadolu Agecy (AA).
„Турција силно го поддржува интегрирањето на Грузија во евроатланските структури. Освен тоа, сакаме Босна и Херцеговина и Македонија, нашите пријателски земји, во краток временски период да го завршат процесот на придружување и да заземат место во НАТО кое и го заслужуваат", нагласи претседателот Ердоган.
Претседателот Ердоган рече дека НАТО мора да биде многу поактивен во наредниот период поради, како што рече, бројните безбедносни закани.
„Самата природа на терминот безбедносна закана доживува сериозна промена. Затоа и НАТО во овој процес мора да биде поактивен и да се адаптира во соочување со новите закани. Очекуваме НАТО да преземе уште поголеми напори во контекст на случувањата кои негативно влијаат на безбедноста на Турција", рече Ердоган.
Истакна дека терористичките напади во Истанбул, Багдад и Медина покажаа дека тероризмот е глобален проблем.
„Овие случувања не се само локален проблем кој погодува само неколку земји од Блискиот Исток и Северна Африка. Напротив, тоа е проблем кој сигурно има глобална димензија и кој влијае на сите земји и сите региони", рече Ердоган.
Исто така се осврна и на сириската криза, напоменувајќи дека не смее да се дозволи да исчезне земја со така богата историја.
„Ја имаме Сирија која оди кон опасноста да биде избришана од светската сцена. Невозможно е да се затворат очите додека една земја со така богата историја долга со векови се соочува со опасноста да биде избришана", рече Ердоган.