Admir Fazlagic
12 Октомври 2016•Ажурирај: 12 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими Мартин Стропницки, министер за одбрана на Чешката Република, кој престојува во официјална посета на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од кабинетот на претседателот Иванов, тој изразил задоволство од развојот на билатералните односи меѓу Република Македонија и Чешката Република, при што бил нагласен континуираниот политички дијалог и плодната соработка во сите сфери од заемен интерес.
Македонскиот претседател бил информиран за предлозите за развој на меѓусебната воена соработка и за размена на искуство во справувањето со заканите.
„Во тој контекст“, стои во соопштението, „претседателот Иванов ги поздрави напорите за проширување на билатералната соработка на полето на одбраната, како и јакнењето на меѓуармиската соработка меѓу двете земји“.
Како што информираат од кабинетот на претседателот Иванов, во однос на македонските стратешки цели, членствата во НАТО и во Европската Унија, македонскиот претседател го истакнал значењето на досегашната отворена и принципиелна поддршка што Македонија ја добива од Чешката Република, и изрази очекување дека таа ќе продолжи и во иднина.
„Претседателот Иванов и министерот Стропницки разменија мислења и информации околу развојот и актуелните случувања во однос на мигрантската и бегалската криза, како и за предизвиците поврзани со безбедноста и сигурноста“, стои во соопштението.
Во соопштението се наведува дека македонскиот претседател се заблагодарил за целокупната поддршка и помош што Чешката Република ѝ ја дава на Република Македонија во справувањето со мигрантската криза, преку присуство на сили и опрема, со цел за поефикасна заштита и надзор на границата и намалување на безбедносните ризици во подрачјето зафатено со криза.
Претседателот Иванов истакнал дека во интерес на идната рамка за европската безбедност, потребна е ревизија на законите за идната улога на армиите во поддршката на цивилните авторитети при справувањето со мигрантската криза, заштитата на границите, антитероризмот и природните катастрофи и несреќи.
Двајцата соговорници се согласиле дека од заеднички интерес е интензивирањето на соработката меѓу двете армии и безбедносните служби, и воспоставување поголема динамика во областа на одбраната преку размена на искуства и иницијативи, како и реализација на заеднички воени вежби и учества во мировни мисии.