СКОПЈЕ (АА) - Еден ден по потпишувањето на Кодексот за фер избори од страна на коалициите и политичките партии кои ќе учествуваат на предвремените парламентарни избори на 11 декември, минатиот понеделник, на 21 ноември, почна 20-дневната изборна кампања која ќе трае до полноќ на 9. ноември, јавува Anadolu Agency (AA).
Најголемата политичка партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, кампањата ја започна во Охрид, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во Прилеп, Демократската партија на Албанците (ДПА) со средби во Студеничани во Скопје, додека Демократската унија за интеграција (ДУИ) еден ден пред почетокот на кампањата, во недела, собра илјадници членови и симпатизери во промотивната конвенција каде ги објави сите листи на кандидати за пратеници.
Новата албанска партија БЕСА кампањата ја започна минатиот вторник во Скопје, со својата промотивна конвенција за овие избори.
- Владејачките партии ветуваат економски просперитет и стабилност, опозициските демократизација на општеството и нови политики -
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ својата кампања традиционално ја започна од градот Охрид, од каде што претседателот на оваа партија, Никола Груевски, обраќајќи им се на присутните го повтори барањето за освојување 63 пратенички места за Коалицијата „За подобра Македонија“.
Во фокусот на неговото обраќање беше презентирањето на програмата „Реално“ на 600 страници со која Коалицијата настапува во предизборниот период. Груевски ги презентираше проектите за кои рече дека имаат за цел да ја придвижат Македонија нанапред, конкретни дела кои се занимаваат директно со секојдневните проблеми на граѓанитие и ќе нудат решенија.
Најави до крајот на 2020 година намалување на стапката на невработеност од сегашните 24 на 17 проценти, отворање нови 70 илјади работни места, зголемување на платите во јавниот сектор и пензиите за најмалку 10,20 отсто, зголемување на социјалната помош за 50 проценти, постепен раст на минималната плата до 14 илјади денари, почеток на изградба на три нови автопатски делници, како и продолжување на постојаните инвестиции во здравството, образованието, културата, спортот.
Како особено важни и уникатни тој ги посочи проектите за рурални развојни зони и рестартирање на капацитетите, жртви на транзицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во своите говори посочува дека не сака да дојде до федерализација на државта и различни поделби, туку дека нивниот интерес е единството на граѓаните за постабилна држава.
Коалицијата „За подобра Македонија“ од почетокот на кампањата одржа митинзи во Охрид, Кавадарци, Неготино, Струга, Ресен и во скопските општини Карпош и Аеродром и Ѓорче Петров.
Демократската унија за интеграција (ДУИ), која е дел од владејачката коалиција, минатата недела одржа промотивна конвенција во Скопје под мотото „Заедно одлучуваме“.
Целите на оваа партија ги претстави нејзиниот претседател Али Ахмети, кој изјави дека овој субјект и понатаму чекори напред кон целите кои, според него, се веќе познати, интеграцијата на земјата во евро-атлантските структури, создавањето на социо-економските услови за граѓаните и градење на подобра иднина за идните генерации.
Оваа политичка партија, како и на претходните избори, продолжува да бара заокружување на официјалната употреба на албанскиот јазик, предупредувајќи и посебен закон за употреба на албанскиот јазик во новиот парламентарен состав, затоа што еднаквоста на албанското и македонското општество, според оваа партија, придонесува за евро-атлантските аспирации на земјата.
Опозициската СДСМ изборната кампања ја започна од Прилеп. На присутните им се обрати претседателот на партијата Зоран Заев кој рече дека имаат план и програма на која работеле од март 2015 година како и дека во неа има пет точки. Според него, граѓаните заслужуваат да живеат во слобода, демократија и достоинствен живот.
Тој рече дека СДСМ ќе се залага за повисоки плати. Посочи дека просечната плата да биде не помалку од 30.000 денари. Заев најави дека домашните фирми ќе се субвенционираат со 140 милиони евра со што ќе се отворат нови работни места, а младите ќе останат во државата и ќе живеат достоинствено.
Во однос на двојазичноста, Заев рече дека политичките опоненти наметнуваат тема за јазиците која не постои. Тој ветува дека ќе го смени Уставот доколку има потреба за да се спроведе двојазичноста на целата територија на Македонија. Лидерот на опозицијата рече дека многујазичноста е културно богатство на Македонија. Според него, граѓаните треба да се горди што уставот на Македонија го гарантира најшироко правото на користење на јазиците на сите етнички заедници.
СДСМ одржа митинзи во Прилеп, Гостивар, Тетово, Кочани, Виница,Демир Хисар, Кичево, Драчево, скопските општини Кисела Вода,Аеродром, Ѓорче Петров и Карпош.
Од друга страна, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, чија партија ја води кампањата под мотото „Чекориме право“, на првиот состанок на изборната кампања рече дека двете главни точки на неговата партија се ослободубањето на сите албанци од долговите кон државата и целосната рамноправност во распределбата на буџетот помеѓу албанските и македонските населби. Тој, исто така, вети дека ако победи во изборите, ќе ја добие функцијата вицепремиер и ќе покаже посебна грижа за албанците во населените места со албанско малцинство.
Повикувајќи за масовна поддршка, лидерон Тачи на првата средба со граѓаните вети дека Законот за ослободување на сите Албанци од долговите кон државата ќе се донесе на првите седници на Собранието. Според него, државата им должи на Албанците, бидејќи државата го исполнува 30 отсто од буџетот со парите на Албанците во форма на даноци, а добиваат само 2 отсто.
Најновата албанска партија БЕСА, која одржа собир во Скопје, вели дека после победата ќе се менува улогата на политичарот, кој ќе биде во служба на граѓаните, а не обратно. Како што изјави лидерот на партијата, Билал Касами, на сите ќе им биде јасно дека ако не постои простор за соништата на Албанците, тогаш Македонија ќе врати назад како држава.
Билали ветува дека Преродбата со Беса е иднината на Албанците во Македонија и нуди решение за нивните проблеми, бидејќи другите, како што посочи тој, „фрлаат камен и ја кријат раката“.
Тој исто така нагласи дека неговата партија во никој случај не одговара со насилство кон насилството, но одговорот треба да биде културен.
И за време на викенд партиите продолжуваат со предизборните активности. ВМРО-ДПМНЕ вчера одржа митинзи во Македонски Брод и Кичево, СДСМ во Карпош и Општина Ѓорче Петров во Скопје, а ДПА во тетовските села, Слатина, Теарце и Добридол. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ денеска ќе одржи митинг во Скопје, а СДСМ и Коалицијата „За живот во Македонија“ во Свети Николе и во Велес. Носителите на кандиндатската листа на ДУИ ќе одржат прес-конференција во Скопје, а ДПА ќе одржи митинг во Чергане и Боговиње.
Во меѓувреме, носителите на кандидатските листи истотака одржуваат средби со граѓаните и прес-конференции, известувајќи ги граѓаните за своите програми.
На изборите на 11 декември ќе учествуваат 11 политички субјекти – пет коалиции и шест политички партии. Право на глас ќе имаат вкупно 1.784.524 граѓани, додека во дијаспората ќе можат да гласаат 20.591 државјани на Македонија.
Инаку, предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември доаѓаат како резултат на договорот помеѓу лидерите на четирите најголеми политички партии во земјата (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА), кои по долги преговори, на 31 август се согласија за одржување на избори, со цел земјата да излезе од политичката криза.
news_share_descriptionsubscription_contact
