Admir Fazlagikj
16 Декември 2016•Ажурирано: 17 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Националната агенција за дојдовен туризам на Македонија (НАИТМ) ја организираше првата македонска туристичка берза на која хотелите, рестораните, превозниците, туристичките и планинските водичи од Македонија им ги понудија своите услуги и производи на Агенциите за дојдовен туризам, јавува Anadolu Ageny (AA).
Претседателот на НАИТМ, Влатко Сулев рече дека целта на првата македонска туристичка берза е на едно место да се состанат сите чинители во македонскиот туризам, со цел да ги претстават своите понуди и да се направи нивно меѓусебно вмрежување за да се подобри организирањето на дојдовниот туризам во Македонија.
„Купувачи на македонската туристичка берза се агенциите што работат со дојдовен туризам во Македонија – има околу 15 агенции и 60 доставувачи на услуги, хотели, ресторани, винарии, превозници“, рече Сулев, истакнувајќи дека се вклучени и други институции меѓу кои и архелолошките локалитети Стоби и Хераклеа.
Тој истакна дека од 2005 година досега, македонскиот туризам бележи раст, за што сведочат податоците од Светската туристичка организација, според која Македонија е на петтото место според растот во областа туризам.
„Во последниот период, македонскиот дојдовен туризам има голем раст. Во европски рамки, Македонија е на петто место според растот. Затоа ситуацијата е созреана, целиот сектор се обедини во едно тело и на тој начин се зголеми квалитетот на услугите што ги нудиме како туристичко стопанство, како и конкурентноста на македонскиот туристички продукт“, додаде Сулев.
Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој (СДЦ), која неколку години е активна во секторот туризам во Македонија, го потпомогна одржувањето на туристичката берза како начин за подобрување на туристичката понуда во Македонија.
„Еден од секторите што го поддржува програмата е туризмот. Нашата цел е да се зголеми растот на секторот и со тоа да се креираат можности за вработување на крајните луѓе, а туризмот како комплексен сектор опфаќа многу чинители“, рече Марјана Милевска, заменик-директор на Програмата за зголемување на пазарната вработливост, која рече дека швајцарски експерти ќе помогнат во привлекувањето на странски туристи во Македонија.
Националната асоцијација за дојдовен туризам на Макеодонија (НАТИМ) планира организирањето на туристичка берза да го вклучи во својот календар на активности и да го организира секоја година.