Cuneyt Davut,Besar Ademi
22 Мај 2016•Ажурирај: 23 Мај 2016
ПОЛИКАСТРО / ИДОМЕНИ (АА) - Многу се лоши условите за живот на бегалците во бегалскиот камп близу грчкиот град Идомени, на македонско-грчката граница. Надевајќи се дека еден ден границата ќе биде отворена и ќе можат да го продолжат својот пат кон Европа, бегалците го прифатија предлогот на грчката влада да бидат префрлени во новоизградени кампови на неколку локации од Грција.
Тргнувајќи од граничниот премин „Евзони“ кон Солун, покрај секоја бензинска станица и зелените површини покрај автопатот, можат да се забележат шатори во кои се сместени илјадници бегалци.
Во близина на една бензинска станица во градот Поликастро, кој се наоѓа на 20-тина километри од Идомени, формиран е камп во кој се сместени околу 3.500 бегалци. Бегалците надевајќи се дека еден ден границите ќе се отворат и ќе го продолжат својот пат кон eвропските земји, истакнаа дека се задоволни од условите за живот кои ги нуди кампот во Поликастро.
Сириецот Латиф Кајум, сместен во кампот во Поликастро, во разговор за АА изјави дека еден месец престојувал во кампот во Идомени и додаде дека повеќе не можел да ги издржи лошите условите за живот, поради големиот број на бегалци.
„Тука сме сместени во поголеми шатори, кои таму ги немаше. Кога ќе заврнеше дожд во Идомени околината наликуваше на море, додека тука тоа не е случај. Во Идомени имавме проблем со исхраната, додека во овој камп добиваме повеќе храна, а навечер добиваме и прекривки. Во кампот немаме ниту проблеми со водата. Во кампот во Идомени немаше електрична енергија, додека тука во овој камп, доколку е ладно, ни носат печки и дрва“, истакна Латиф и додаде дека направил вистински избор кога прифатил да биде префрлен во кампот во Поликастро.
Грчките официјални лица и претставниците на организациите кои им помагаат на бегалците во камповите соопштија дека поради недоволниот капацитет на кампот во Идомени, дневно околу стотина бегалци кои го прифаќаат трансферот со автобуси и се префрлаат во останатите кампови.
Сириецот Џелил Акрани, кој е сместен во Идомени, прифатил да биде префрлен во друг камп. Дознавајќи дека ќе биде сместен во камп близу Солун, изјави: „Веќе три месеци сме сместени во кампот во Идомени. Границата е затворена и подолг период не ја отвораат. Условите за живот тука се многу лоши. Одиме во нов камп и се надеваме дека во него ќе имаме подобри услови.“
Друг бегалец кој прифатил да биде преместен во новите кампови изградени од страна на грчката влада е Сириецот Ханиф Екрам.
„Не се чувствуваме добро во овој камп. Во останатите кампови има помалку луѓе и одлучивме да се префрлиме во еден од нив. Во новите кампови нема проблеми со јадењето. Мајка ми е лице со хендикеп. Се разболе во кампот, но не е соодветно третирана. УНЦХР зборуваше со нас и ни објасни дека другите кампови нудат подобри услови за живот. Го послушавме нивниот совет и го прифативме трансферот во нов камп“, рече Екрам.
Од друга страна, во кампот во Идомени повеќе од 10.000 бегалци, надевајќи се дека еден ден границата ќе биде отворена, продолжуваат да живеат во тешки услови, сакајќи да бидат поблиску до границата.
Иранскиот бегалец Идиџанан Менфаги, истакна дека доколку не се отовори границата ќе изнајде друг начин за да го продолжи својот пат.
„Во Ирак и Сирија, од каде што доаѓаме, војната продолжува без престан. Таму, иако 24 часа дневно непрекинато се слушаа детонации на бомби, јас не се плашев. И тука од ништо не се плашам. Јас не одам во друг камп. Ќе изнајдам пат, ќе ја минам границата и ќе си заминам оттука“, изјави Менфаги чие цело семејство е во Европа и додаде дека во кампот во Идомени е сам.
Дел од згрижените бегалци во кампот, со намера да ја преминат границата по илегални патишта, од безбедносни причини одбиваа да зборуваат пред камерите.
Еден сириски бегалец, кој сакаше да остане анонимен, изјави дека за да ја премине македонската граница платил 400 евра, а од Македонија за да стигне до Србија, ќе треба да плати уште 500 евра.