МАВРОВО (АА) - ФУРКАН АБДУЛА/АДМИР ФАЗЛАГИЌ -
Зимскиот туризам во Македонија станува сè попривлечен и поактуелен како за домашните, така и за странските туристи, кои се одлучуваат дел од своето време во зимскиот период да го поминат во ски-центрите кои со разновидните богати содржини овозможуваат рекреација и релаксација за посетителите.
Еден од нив е и Ски-центарот „Маврово“, кој постои повеќе од 50 години, а се наоѓа во Општина Маврово и Ростуше, во Националниот парк „Маврово“.
Долгогодишната традиција на постоење на овој ски-центар, природните убавини со кои располага, убавата глетка од височините кон распосланиот „бел килим“, како и различните можности за рекреација, се дел од причините поради кои Ски-центарот „Маврово“ привлекува бројни посетители, а особено љубителите на зимските спортови.
Огнен Циговски, извршен директор на Ски-центарот „Маврово“, во разговор за Anadolu Agency (AA) говореше за можностите со кои располага овој ски-центар, за зимската туристичка сезона, како и за можноста да се развие зимскиот туризам во Македонија и во регионот.
„Сезоната веќе е започната од 20 декември, благодарение на системот за правење снег кој овозможи сезоната да ја отвориме порано од вообичаеното, а еве веќе на почетокот на јануари имаме и природен снег. Сите инсталации од ски-лифтови, жичарници работат, сите патеки се подготвени да ги прифатат сите скијачи. Веќе може да кажеме дека имаме 1500 до 2000 скијачи дневно, и можеме да кажеме дека сите капацитети се исполнети во првите две недели од јануари“, вели Циговски.
Тој додава дека Ски-центарот „Маврово“ го посетуваат туристи од земјата, но и од регионот и пошироко.

„Бидејќи ова е периодот на скијање, и самото поставување на системот за правење снег го зголеми интересот, можеме да кажеме сите бројки се во нагорна линија во однос на гостите и во однос на сите капацитети што ги има Маврово, дали се тоа хотелски или приватно сместување. Гостите се најмногу од Македонија, Косово и Албанија и кон крајот на јануари гости од Турција, бидејќи школскиот распуст почнува кон крајот на јануари“, истакнува Циговски.
Ски-центарот поради својата местоположба има добра глетка на околните планини и на Мавровското Езеро. Постојат скијачки патеки од 1.255 до 1.860 метри надморска висина, кои се одржуваат и ги поседуваат потребните услови за скијање на природен и технички снег. Скијачката зона е опремена со 3 жичарници и 11 ски-лифтови кои нудат 25 километри одржувани скијачки патеки кои се различни и погодни за рекреативни и професионални скијачи, како и за почетници.
Исто така, во рамките на Ски-центарот „Маврово“ постои и скијачка школа каде што посетителите можат да ги научат првите чекори во скијањето или сноубордингот. Тука е и сервисен центар за скијачка и сноуборд опрема, полигон за почетници, зона за санкање, планинарење со дрезги, фристајл парк, велосипедизам на снег, нордиско или крос-кантри скијање, ски-туринг, сплит-бординг, фрирајд со ратрак, планински бачила...

Според извршниот директор на Ски-центарот „Маврово“, бројот на туристичките посети на Маврово е во нагорен тренд, но објаснува и дека овој ски-центар е помал во однос на останатите во регионот, како и дека може да им конкурира на другите ски-центри во земјите од регионот.
„Не би можеле да правиме споредба на Маврово со регионалните поголеми ски-центри, како што се Банско, Боровец во Бугарија или Копаоник во Србија. Сепак, Маврово е навистина регионален мал ски-центар, којшто овозможува во однос на цените и понудата да може да конкурира на регионалните поголеми скијачки центри кои ги споменав. Во Маврово фамилијарните пакети се многу попристапни за гостите бидејќи децата добиваат бесплатно скијање, бесплатна обука за скијање, бесплатна опрема, во тоа можеме да кажеме дека сме во поголема предност од другите и цените се попристапни во Маврово за разлика од Србија и Бугарија“, смета Циговски.

Во однос на потребната инфраструктура за развој на зимскиот туризам во Македонија, Циговски вели дека се потребни повеќе напори за да се остварат значителни инвестициски чекори, за да дојде до подобрување на севкупните услови.
Во разговорот, Циговски најави дека следната поголема инвестиција во Маврово ќе биде замена на стариот едносед со жичарница со поголем капацитет. Тој изрази надеж дека во исто време и државата ќе помогне во градењето на подобрување на инфраструктурата, особено во правење поголем простор за паркирање на возилата на гостите.
Во Македонија има неколку скијачки центри, меѓу кои освен Маврово се и Попова Шапка, Нижо Поле во близина на Битола, Крушево и Кожуф.

- Маврово атрактивно и во летната туристичка сезона -
Инаку, освен зимскиот туризам, според Циговски, и во летниот период Маврово е привлечна туристичка дестинација.
Како што раскажа тој, веќе три години наназад Маврово интензивно работи во летната сезона, во рамките на која, меѓу другото, се одржуваат и летните подготовки на спортските екипи, како и посети на велосипедисти од западноевропските земји и бројни посетители кои планинарат во текот на летото.
news_share_descriptionsubscription_contact


