Mümin Altaş,Hakan Ceyhan Aydoğan
06 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
МОСКВА (АА) – Турскиот премиер Бинали Јилдирим, како дел од официјалната посета на Русија, оствари средба со рускиот премиер Димитри Медведев, во премиерската резиденција во близина на Москва, јавува Anadolu Agency (AA).
Во делот на средбата отворен за јавноста, Јилдирим изрази задоволство од оваа средба.
„Сите сме сведоци дека едногодишниот непосакуван период заврши. Можеме заедно да го оцениме негативното искуство од тој период и нашите односи да ги доведеме до подобро стратешко ниво. Ова е можно, постојат примери за тоа во минатото“.
Понатаму тој рече дека и двете држави се расположени да продолжат со заедничките големи проекти во сферата на трговијата, туризмот, како и социјалните и културни активности од онаму каде што застанале.
„Особено ги следиме чекорите преземени од август досега. Благодарни сме поради ова, меѓутоа сметаме дека треба да се забрза начинот на развој во овој процес за подобрување на работите. Овие теми ќе ги разгледуваат нашите министри, а по потреба и ние, премиерите на двете држави. Благодарам за гостопримството со коешто нѐ дочекавте, во мое име и во името на дипломатскиот кор со кој дојдов“, истакна Јилдирим.
Премиерот Медведев, пак, нагласи дека тешкиот период за турско-руските односи заврши, и додаде оти оваа средба ќе ги поттикне меѓусебните односи.
„Се случи застој на трговските односи меѓу двете држави и од објективни, но и од субјективни причини, меѓутоа ние сметаме дека треба да се остварат нашите големи заеднички проекти. Целта на денешните средби е да се поттикнат односите во сферата на економијата, инвестициите и културата“, изјави Медведев.
Тој нагласи дека оваа средба со турскиот премиер е прва од ваков карактер во последниот период. „Тешкиот период во заемните односи го оставивме зад себе. Верувам дека оваа средба ќе помине многу позитивно и продуктивно“.
На оваа билатерална средба учествуваа и вицепремиерот на Турција, Нуретин Џаникли и министерот за енергетика и природни ресурси, Берат Албајрак.
Од руска страна учествуваа вицепремиерот Аркадиј Дворкович, министерот за трговија и индустрија, Денис Мантуров, министерот за енергетика Александар Новак и директорот на Федералната служба за воено-техничка соработка на Русија, Александар Фомин.