СКОПЈЕ (AА) - На денешната тркалезна маса „Регулирање на учеството на децата и младите во образовната легислатива“ во Скопје беше промовирана иницијатива за измени и дополнувања на Законот за средно образование во насока на интегрирање на учеството на учениците во процесот на донесување одлуки во образовниот процес, јавува Anadolu Agency (AA).
Според организаторите денешниов настан има за цел да обезбеди првична дискусија со пратениците, Народниот правобранител и невладините организации во однос на обезбедување на вистинско учество на младите што ќе биде законски регулирано.
„Факт е дека состојбата во Република Македонија со гласот на учениците во училиштата е на многу минорно ниво, каде учениците немаат право на глас и простор да го кажат своето мислење. Нашето барање се однесува да се отвори процес со кој ќе се обезбедат законски измени во кои што учениците во средните училишта ќе имаат право да учествуваат во донесувањето на одлуките во училиштето и во сите реформи во образовниот систем", изјави извршниот директор на Коалицијата на младински организации СЕГА, Зоран Илиевски.
Заменикот народен правобранител Васка Бајрамовска Мустафа, рече дека Народниот правобранител во средбите со основците и средношколците со години наназад констатира дека учеството на учениците во донесувањето одлуки во училиштата е на многу ниско ниво.
„Спроведовме истражување во 2016 година за тоа каква е состојбата во училиштата. Резултатите се поразителни. Само во 61 средно училиште има некаков облик на здружување на средношколците, меѓутоа учеството на децата во донесувањето одлуки го нема. Децата избираат свои претседатели на класови кои ги застапуваат во училиштата, но нивното застапување е само за одредени права или прашања, а таму каде што се креираат политиките учениците ги нема“, изјави Бајрамовска Мустафа.
Денешниот настан беше организиран од страна на Коалицијата на младински организации СЕГА, во партнерство со Младинскиот образовен форум и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
news_share_descriptionsubscription_contact


