Firdevs Bulut Kartal
29 Јули 2026•Ажурирано: 29 Јули 2026
Отворени се пријавите за „Подигни го нивото со вештачка интелигенција / РОКЕТСАН-хакатонот за вештачка интелигенција“, што го организира турскиот производител на ракети „РОКЕТСАН“ за млади таленти од областа на вештачката интелигенција (ВИ), јавува Анадолу.
Според соопштението на компанијата објавено денес, настанот, чија цел е развој на компетенции во користењето технологии за вештачка интелигенција во одбранбената индустрија, ќе се одржи од 25 до 27 септември.
Како дел од програмата, која ќе се фокусира на области како што се „edge AI“, машинско учење, големи јазични модели, автономија и наука за податоци, учесниците ќе земат учество и во фазите на обука и во натпреварувачкиот дел.
Програмата е наменета за истражувачи кои дипломирале на студиите по компјутерско, воздухопловно, електротехничко и електронско инженерство, како и инженерство за вештачка интелигенција, имаат од нула до пет години искуство и по можност се запишани на постдипломски студии, а ќе опфати онлајн обуки, технички работилници, панел-дискусии и 48-часовен хакатон.
Пред почетокот на хакатонот, учесниците ќе добијат тридневна онлајн обука во областа на големите јазични модели, „Agentic AI“, компјутерската визија и автономните системи. Учесниците што успешно ќе ја завршат обуката ќе добијат сертификат.
Програмата исто така ќе содржи панел-дискусија која ќе опфати теми како што се доверливи системи за вештачка интелигенција, автономија, супериорност во одлучувањето и кариери во областа на вештачката интелигенција во одбранбената индустрија.
Кандидатите избрани да учествуваат на хакатонот ќе развиваат проекти во тимови. Тимовите што ќе се најдат меѓу најдобрите според оцената на жирито ќе ја добијат „Наградата за вештачка интелигенција на РОКЕТСАН“.
Пријавите за програмата може да се поднесат преку веб-страницата levelup.roketsan.com.tr најдоцна до 16 август.